Кумановскиот градоначалник и предводник на граѓанската иницијатива „За наше Куманово”, Максим Димитриевски на трибина по повод шест месеци од формирањето на здружението и една година од реалниот граѓански концепт во НУЦК „Трајко Прокопиев” истакна дека сега корупцијата во последните четири години цвета двојно повеќе за разлика од порано.
-Секојдневно ги слушаме странските амбасади, особено оние најважните, амбасадите наши од државите членки и стратешки партнери како САД. Дојде новата амбасадорка, претходно во Македонија мека и медина мислиш дека е, и одеднаш рече три збора Македонија е дувло на корупција, дувло на организиран криминал, дувло на злоупотреба од страна на сите во власта. И се смени плочата кај власта, и сите седат засрамено и велат да така е амбасадорке. Па, зарем требаше да дојде амбасадор на странска држава и да ни го каже тоа? Па дали има поголем срам од тоа седи премиерот, седат министрите, вицепремиерите, сите се гледаат изненадено од страна и си велат „да има корупција”.
Абе луѓе жената ви вели корупцијата е во вас, во владата, во вашите редови, заминете си, одете си, да дојдат нови, одговорни луѓе. Направете истраги и сите не знаете колку министерства имате. Формиравте еден преседан комисија на влада за борба против корупција, а корупција во државата цвета последни четири години, ако претходно цветаше сега цвета на квадрат. И никој со прст не мрднува. Проблемите на Македонија за членство во ЕУ не ѝ се соседите, туку корупцијата и злоупотребата на функциите, затоа што најпрофитабилниот бизнис во државата стана политичарот – потенцираше Димитриевски.