АЛАРМ ВО АМЕРИКА ПОРАДИ ЗАЕДНИЧКА ПАТРОЛА НА РУСКАТА И КИНЕСКАТА МОРНАРИЦА: Толку воени бродови никогаш не дошле на брегот на САД (ВИДЕО)

Руските и кинеските поморски сили заеднички патролираа во водите во близина на Алјаска.

Американски воени експерти изјавија за Волстрит журнал дека тоа е најголемата флота на странски воени бродови што се приближиле толку до американскиот брег. Официјални лица тврдат дека дури 11 руски и кинески бродови се приближиле до Алеутските острови.

АЛАРМ ВО АМЕРИКА ПОРАДИ ЗАЕДНИЧКА ПАТРОЛА НА РУСКАТА И КИНЕСКАТА МОРНАРИЦА: Толку воени бродови никогаш не дошле на брегот на САД (ВИДЕО)

Кинеските и руските бродови цело време биле следени од американски разурнувачи и авиони.

  • Ова е првпат во историјата руски и кинески воени бродови да патролираат толку блиску до брегот на САД. Со оглед на војната во Украина и тензиите околу Тајван, тој потег е многу провокативен – изјави за Волстрит журнал пензионираниот капетан на морнарицата Брент Садлер.

Портпаролот на Северната команда на американската армија потврди дека Русија и Кина извршиле заедничка поморска патрола во водите кај Алјаска, но не го прецизираше бројот на бродови или нивната точна локација.

  • Воздухопловните и поморските сили под наша команда спроведоа операции за обезбедување на одбрана на САД и Канада. Патролата остана во меѓународните води и не се сметаше за закана – се вели во соопштението на американската армија.

Руската и кинеската амбасада во Вашингтон не одговорија на барањето на Волстрит журнал за коментар.

Во текстот се нагласува дека минатиот пат кога седум руски и кинески бродови пловеле во близина на Алеутските острови, американските сили испратиле само еден брод на крајбрежната стража да ги придружува. Сега руските и кинеските бродови беа постојано под надзор од четири американски разурнувачи.

Ваквиот, како што вели, млак одговор на САД наиде на жестоки критики од страна на републиканскиот сенатор од Алјаска, Ден Саливан.

Поинтензивната соработка меѓу кинеската и руската морнарица американските власти ја објаснуваат како противење на Пекинг и Москва на сојузот на САД со Јапонија и Јужна Кореја и другите регионални партнери. Руски воени бродови и кинески истражувачки бродови биле забележани во регионот на Арктикот и претходно.

  • Забележавме дека заедничките руски и кинески вежби се интензивираат. Гледам дека нивната соработка станува се посилна. Тоа е загрижувачко и опасно – вели адмирал Џон Аквилино, кој е шеф на американската Индо-пацифичка команда, која е одговорна за воените операции во азискиот дел на Пацификот.

Додека најновата одбранбена стратегија на Пентагон ја наведува Кина како главна долгорочна закана за САД, американските власти внимателно ја следат зголемената соработка меѓу Пекинг и Москва.

По инвазијата на Украина, Кина стана најважниот трговски партнер на Русија, а неодамнешниот извештај на американското разузнавање открива дека токму Кина ја снабдувала Москва со критична технологија што може да се користи за цивилни, но и за воени цели.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.