Алонсо останува во Астон Мартин



Фернандо Алонсо ќе продолжи да се трка за Формула 1 тимот на Астон Мартин во наредните години откако потпиша нов повеќегодишен договор со британскиот тим.

Двократниот светски шампион е најискусниот возач во историјата на Формула 1 и зад себе веќе има 381 старт и се очекува оваа сезона да ја мине границата од 400. Шпанецот дебитираше во 2001 година со тимот на Минарди, по што тој возеше за тимовите на Рено, Мекларен, повторно Рено, Ферари, повторно Мекларен, потоа имаше пауза од две години пред уште едно враќање со Рено, сега како Алпин и последователниот трансфер во Астон Мартин на почетокот на 2022 година.

Овој трансфер донекаде го врати Алонсо години наназад и тој доживува уште една младост. Минатата сезона тој забележа вкупно осум подиуми и му помогна на Астон Мартин да заврши на петтото место во шампионатот за конструктори. Самиот Алонсо ја заврши годината на четвртото место, негов најдобар финиш откако беше во Ферари пред повеќе од една деценија.

Фактот што Шпанецот го продолжува договорот со Астон Мартин значи дека уште еден важен дел од возачката сложувалка за сезоната 2025 доаѓа на своето место. Како што е познато, повеќе од половина од актуелните возачи моментално се без договори за следната година и се очекува да има уште големи промени покрај преселбата на Луис Хамилтон во Ферари.

Алонсо беше меѓу претендентите за позицијата во Мерцедес, а се сметаше и за можен наследник на Серхио Перез во Ред Бул. Тимскиот колега на Алонсо следната година речиси сигурно ќе биде Ленс Строл, кој е син на сопственикот на тимот Лоренс Строл, што практично му гарантира доживотно возачко место.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: