– Ал Шабаб побара да почне разговори со сомалиската Влада, но има две крила во организацијата. Во првата фракција се странците, а во втората се локални припадници. Тие имаат шанса да започнат преговори, но странските борци кои ја нападнаа нашата земја немаат право да преговараат. Единствената опција за нив е да се вратат таму од каде што дојдоа, изјави сомалискиот заменик-министерот за одбрана Абдифатах Касим.
Тој додаде дека „што се однесува до Сомалијците, ние сме подготвени да ги прифатиме сè додека тие се подготвени да ѝ се предадат на сомалиската Влада“.
– Тие мора да ги следат упатствата на властите, да се реинтегрираат во општеството или да се соочат на фронтот со Сомалиската национална армија, посочи Касим.
Ал Шабаб, група поврзана со Ал Каеда, сè уште не ги коментираше наводите на сомалиската Влада.
Групата Ал Шабаб извршува бомбашки напади во Могадишу повеќе од една деценија и контролира територија во централните и јужните делови на земјата, комплицирајќи ги напорите за обнова на земја по децениски конфликт.
Федералната влада на Сомалија претходно соопшти дека е отворена за разговори со Ал Шабаб, но првпат властите објавуваат дека екстремистичката група побарала разговори.