Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во седиштето на партијата го примил новиот амбасадор на Бугарија во Скопје Жељазко Радуков, соопшти партијата.
Ахмети и Радуков разговарале за преговарачката рамка на Европската унија и интеграцијата на земјата во ЕУ, како и за актуелната политичка состојба во земјата и регионот.
-Преговарачката рамка одобрена од Европската унија е јасна и мора да се спроведе за да го продолжиме нашето патување кон Брисел. Бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат. Приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од Европската Унија, се вели во соопштението.
Тие разговарале и за политичката состојба во земјата, при што Ахмети зборувал за тенденцијата на власта со моноетнички легитимитет и на надгласувачкиот Уставен суд целосно да го прекрши Охридскиот договор, неговиот дух и социјалната кохезија кај нас со наметнување етничка надмоќ.
-Ова е неприфатливо. „Чесните“ и претпочитани Албанци избрани од ВМРО ДПМНЕ се откажаа од Европа, но и од еднаквоста, омаловажувајќи ги и понижувајќи ги Албанците за нивните лични корумпирани мотиви, рекол Ахмети на средбата.