Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании откако на првата средба во неделата успеаја само да ги приближат ставовите.
Неофицијално, постои договор околу роковите за исплата, тоа да биде до три години грејс период и до 15 години рок на отплата затоа што некои компании сакаат и порано да го вратат кредитот.
Но двете страни не можат да се договорат околу каматата што ќе треба да се исплаќа, а премиерот Мицкоски се надева дека таа ќе биде колку што е можно пониска за да може и фирмите да ги добијат парите по пониска камата.
Премиерот не спомна дали тоа ќе значи дека компаниите ќе си ја платат целосната камата за кредитот или она што ќе биде договорено помеѓу банките и Владата ќе оди на трошок на граѓаните како што најави министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.
– Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите.
Можеби за некоја година би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Може ќе се одлучиме и за други механизми, во зависност од интересот на државата. Целта е каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Реално има трошоци што ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам, да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално ќе излеземе со позиција, рече Мицкоски.
Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.
Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис секторот.