Кривичниот суд го одби барањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратен пасошот. Денес од судот соопштија дека е одбиено барањето за укинување на мерката за претпазливост која му беше одредена на Мијалков. Тој, пак, го бараше пасошот назад со образложение дека има потреба од оперативен зафат кој треба да му биде извршен во странство бидејќи во земјава не се врши таква хируршка интервенција.
– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје по добивање на целокупната документација поврзана со барањето согласно Законските одредби се обрати до надлежното обвинителство од каде е добиено негативно мислење во однос на барањето. Советот на одржана седница по разгледување и ценење на барањето и мислењето на надлежното обвинителство донесе решение со кое барањето го
одби како неосновано, соопштија од судот.