„Бевме подготвени за нуклеарен напад“: Исповед на офицер кој работел во тајната база на Путин, а потоа дезертирал

На првиот ден од руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година, Антон вели дека нуклеарното оружје во базата каде што служел во војската било во целосна борбена готовност.

„Пред тоа имавме само вежби. Но, кога започна војната, на првиот ден, оружјето беше целосно подготвено за употреба. Бевме подготвени да започнеме поморски, воздушни и копнени напади и да извршиме нуклеарен напад“, вели поранешен Руски нуклеарен офицер.

Репортерот на Би-Би-Си се сретнал со Антон на тајна локација надвор од Русија. Локацијата не е соопштена од безбедносни причини, името е сменето, а неговата фотографија не е објавена.

Антон бил офицер во строго доверлива нуклеарна база во Русија. Ни покажа документи кои ја потврдуваат неговата единица, чин и база. Би-Би-Си не може самостојно да ги потврди сите настани што ги опиша, иако тие се совпаѓаат со извештаите на руските официјални лица и војници од тој период.

Три дена откако војниците ја преминаа украинската граница, Владимир Путин објави дека руските нуклеарни сили за одвраќање се ставени на „специјален режим на борбена готовност“. Антон тврди дека борбената готовност била воведена веќе на првиот ден од војната и дека неговата единица била „затворена во базата“.

„Сè што имавме беше руската државна телевизија. Јас навистина не разбрав што значи сето тоа. Автоматски ги извршував моите должности. Не учествувавме во борбите, само го чувавме нуклеарното оружје“, вели поранешниот офицер.

Состојбата на готовност, додаде тој, е укината по две до три недели. Сведочењето на Антон дава увид во строго доверливите внатрешни работи на руските нуклеарни сили. Исклучително ретко се случува членовите на оваа служба да разговараат со новинари..

„Таму има многу строга селекција. Сите се професионални војници, нема регрути“, објаснува тој и продолжува:

„Постојани се проверки и тестови со детектор за лаги за сите. Платите се многу повисоки, а војниците не се испраќаат во војна. Нивната улога е или да одбијат или да извршат нуклеарен напад.

Поранешниот офицер вели дека животот за него и неговите луѓе во единицата бил строго контролиран.

„Моја одговорност беше да се погрижам војниците под моја команда да не донесат телефони во нуклеарната база.

„Тоа е затворено општество, таму нема странци. Ако сакате родителите да дојдат да ве посетат, треба да поднесете барање до ФСБ три месеци однапред.

Антон беше дел од единицата за безбедност на базата, сили за брза реакција кои го чуваа нуклеарното оружје.

„Имавме постојани вежби. Времето на реакција ни беше две минути“, вели тој со чувство на гордост.

Русија има околу 4.380 оперативни нуклеарни боеви глави, според Федерацијата на американските научници, но само 1.700 се „распоредени“ или подготвени за употреба. Сите членки на НАТО заедно имаат сличен број.

Постои загриженост дека Путин би можел да употреби „нестратегиско“ нуклеарно оружје, кое често се нарекува тактичко. Станува збор за помали ракети кои обично не предизвикуваат широко распространето радиоактивно влијание, но нивната употреба секако би довело до опасна ескалација на војната.

Минатата недела Путин ги ратификуваше промените во нуклеарната доктрина, официјалните правила кои одредуваат кога и како Русија може да лансира нуклеарно оружје.

Во доктрината сега се наведува дека Русија може да лансира нуклеарно оружје доколку биде под „масовен напад“ со конвенционални ракети од ненуклеарна држава, но „со учество или поддршка на нуклеарна држава“. Руските власти велат дека ажурираната доктрина „ефикасно ја елиминира“ можноста за нивен пораз на бојното поле. Но, дали рускиот нуклеарен арсенал е целосно функционален?

Некои западни експерти сугерираат дека повеќето од овие оружја се од советската ера и можеби не функционираат. Поранешниот офицер на нуклеарните сили ги отфрли ваквите мислења како „многу поедноставен став на таканаречените експерти“.

„Можно е на некои места да има застарени видови оружје, но земјата има огромен нуклеарен арсенал, огромен број боеви глави, вклучувајќи постојани борбени патроли на копно, море и воздух.

Руското нуклеарно оружје било целосно оперативно и подготвено за борба, тврди тој. „Одржувањето на нуклеарното оружје се врши континуирано, никогаш не запира, ниту една минута.

По почетокот на војната, Антон рече дека добил, како што вели, „криминална наредба“ да им држи предавања на своите војници користејќи многу конкретни писмени упатства.

„Пишувало дека украинските цивили се борци и дека треба да бидат уништени! За мене тоа е црвена линија, воено злосторство. Реков дека нема да ја ширам таа пропаганда.

Високите офицери го казнија Антон со тоа што го префрлија во редовна јуришна бригада во друг дел од земјата. Му било кажано дека ќе биде испратен во војна.

Пред да биде испратен на фронтот, Антон потпишал изјава со која одбива да учествува во војната, по што против него била покрената кривична постапка. Тој покажа документи кои го потврдуваат неговиот трансфер и детали за кривичната постапка.

Решил да избега од земјата со помош на волонтерска организација за дезертери.

„Да избегав од нуклеарната база, локалната служба на ФСБ ќе реагираше решително и веројатно немаше да можам да ја напуштам земјата“, рече тој.

Но, тој верува дека поради тоа што бил префрлен во редовна јуришна бригада, пропаднал системот на безбедносни проверки на највисоко ниво. Антон вели дека сака светот да знае дека многу руски војници се против војната.

Волонтерска организација која им помага на дезертерите, „Go Lesom“, изјави за Би-Би-Си дека бројот на дезертери кои бараат помош се зголемува на 350 месечно.

Сепак, ризиците за оние што бегаат се зголемуваат. Најмалку еден дезертер е убиен откако избегал, а имало и неколку случаи во кои мажите биле насилно вратени во Русија и изведени пред лицето на правдата. Иако ја напушти Русија, вели дека безбедносните служби се уште трагаат по него:

„Овде преземам мерки на претпазливост, работам неформално и не се појавувам во ниту еден официјален систем“.

Тој вели дека престанал да контактира со пријателите во нуклеарната база за да не ги доведе во опасност: „Тие мора да поминат тестови за детектор за лаги, а секој контакт со мене може да доведе до кривична постапка“.

Сепак, тој е свесен за ризикот што го презема помагајќи им на другите војници да избегаат: „Разбирам дека колку повеќе го правам тоа, толку е поголема шансата да се обидат да ме убијат“.

Пронајдете не на следниве мрежи: