Србија нема да се откаже од дијалогот, но бара од меѓународната заедница да ја охрабри Приштина на отстапки за да се постигне договор во клучните моменти од преговорите кои се водат под покровителството на Европската унија, гласи заклучокот на српскиот државен врв кој во петокот се состана пред започнувањето на шестиот круг од разговорите меѓу Белград и Приштина кој ќе се одржи на 4-ти март во Брисел.
„Се наоѓаме во таков момент во кој на Приштина и' е потребно охрабрување да биде подготвена на компромис и отстапки, бедејќи без тоа, тоа ќе преставува разговор на глув”, изјави за медиумите Марко Ѓуриќ, советникот на српскиот претседател Томислав Николиќ и истакнал дека државниот врв ја нагласил подготвеноста на Србија да ги исполни сите обврски од заклучоците на Европската комисија за да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија.
Ѓуриќ, исто така, нагласил и дека Белград на разговорите што ќе се одржат на 4-ти март (понеделник) заминува со „дефинирана стратегија и искрена желба” да биде постигнат договор и компромис и е подготвена „конструктивно да разговара за сите елементи на уредување на односите” со нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија, каде што албанското мнозинство во 2008 година еднострано прогласи независност и ја прогласи државата Република Косово, што го поддржаа САД и повеќето влијателни западни европски земји.
Според советникот на српскиот претседател, Србија нема да се откаже од преговорите, но бара формирање заедница на српските општини, а нејзиниот став е дека властите во Приштина мора да се согласат на „тешки отстапки” поради постигнување „трајно и одржливо решение”.
„Мислиме дека е можно во овој клучен момент претставниците на меѓународната заедница да и' испратат порака на Приштина дека треба да биде подготвена на отстапки за да се дојде до компромис. Ова е клучната пресвртница во преговорите”, нагласил Ѓуриќ.
Додал дека на состанокот на српскиот државен врв се разговарало и за евроитнеграциите, при што било оценето дека „до 16-ти април нема да има повеќе ниту формални, ниту фактички причини Србија да не добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија”.
На шестиот круг од дијалогот меѓу Белград и Приштина, главната тема треба да биде решавањето на проблемот со српските институции на северот од Косово, каде што српското население е мнозинство. Белград предлага формирање заедница на српските општини кои би имале и дел од извршните овластувања, додека Приштина се согласува само на ограничување на нејзините надлежности, па на последниот дводневен состанок на српскиот и косовскиот премиер, Ивица Дачиќ, односно Хашим Тачи во Брисел за тоа не беше постигнат договор.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ во четвртокот изјави дека преговорите со Приштина се наоѓаат во фазата во која Србија во Брисел ќе биде изложена на големи притисоци и дека не знае во која насока натаму воопшто може да се оди во дијалогот со косовскиот премиер Хашим Тачи, бидејќи Приштина не сака воопшто да разговара за давање изврши овластувања на заедницата на српските општини што го предлага Белград.
„Не ме прашувајте што ќе правам таму (во Брисел – з.р). Многу е тешко и не знам”, изјави во четвртокот српскиот премиер Дачиќ, кој истакна дека во досегашниот тек од разговорите „Србија покажала коректност”, но дека решението подразбира компромис кој Приштина не го сака, како и дека „во овој случај за компромис се потребни тројца”, бидејќи на тоа пора да се согласи и Брисел.
Макфакс
Србија нема да се откаже од дијалогот, но бара од меѓународната заедница да ја охрабри Приштина на отстапки за да се п