Од денес до 24 мај под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, ќе се одржува пролетната Европска недела на тестирање, чија цел е да се зголеми бројот на луѓе што се тестираат за ХИВ и за другите сексуално преносливи инфекции, како дел од грижата за сопственото здравје, соопшти здружението ХЕРА.
Од околу 400 лица со ХИВ, колку што се проценува дека денес живеат во нашата земја, речиси половината не го знаат својот ХИВ-позитивен статус. Mинатата година, пак, над половина од луѓето со ХИВ биле дијагностицирани доцна, со што се одложува навременото започнување со терапија за ХИВ. Со навременото тестирање и редовното земање на терапијата, луѓето со ХИВ не само што можат да живеат квалитетно и долго, туку и се спречува преносот на вирусот бидејќи неговото присуство во крвта толку многу се намалува, што не може да се пренесе по сексуален пат дури и кога не се користи заштита, велат од ХЕРА.
Граѓаните можат бесплатно и доверливо да се тестираат за ХИВ и за други сексуално преносливи инфекции во Младинскиот центар на ХЕРА „Сакам да знам“ на Водно. За подетални информации можат да се јават на телефонскиот број 02/3176 950. Повеќе информации за ХИВ и за најблиските локации каде што може да се направи ХИВ-тест се достапни и преку мобилната андроид-апликација Направи ХИВ-тест, која може бесплатно да се преземе на Google Play.
Извор: МИА
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.