Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел ја повика Грузија да ги укине законите со кои ги ограничува правата на ЛГБТ+ заедницата, истакнувајќи дека тие „ја оддалечуваат земјата од ЕУ“.
„Овие закони ќе ги поткопаат основните права и ќе ја зголемат дискриминацијата и стигматизацијата“, напиша Борел на социјалната мрежа „X“.
Пакетот закони вчера беше усвоен од грузискиот парламент, но наиде на осуда од страна на Европската Унија и организациите за човекови права. Противниците тврдат дека законите ги нарушуваат правата на ЛГБТ+ заедницата и ја отежнуваат евроинтеграцијата на Грузија.
Новиот пакет закони беше одобрен од пратениците од владејачката партија Грузиски сон на гласањето кое беше бојкотирано од опозицијата и во услови на конзервативна и антизападна влада.
Со пакетот законски измени, кој беше претставен со наслов „За семејните вредности и за заштита на малолетници“, всушност се менуваат 18 актуелни закони, вклучително и за слободата на говорот и изразувањето, како и за радиодифузија.
Со измените се забрануваат собири на кои се промовираат лица кои се идентификуваа како пол различен од „неговиот или нејзиниот биолошки пол“, како и настани на кои се промовира истополовата ориентација или врски.
Опозицијата го бојкотира парламентот уште од мај годинава кога пратениците на Грузискиот сон го одобрија нацрт-законот за „странско влијание“ што Грузијците и западните влади го споредуваат со закон за „странски агенти“ што го донесе Русија за да се справи со неистомислениците.