Борете се против сиромаштијата, не против сиромашните!

И овој 17ти октомври помина многу тивко и без речиси никакви активности, без обиди да се даде ронка надеж дека може работите да тргнат на подобро за една ранлива категорија на граѓани. Не случајно овој текст го објавуваме денес, вчерашниот ден беше светски ден за искоренување на сиромаштијата, а сиромаштијата не е тема – туку проблем со кој се соочуваат илјадници луѓе во Македонија и милиони луѓе во светот. Единствена светла точка во целото сивило е активизмот и борбата на невладините да издејствуваат мерки и средства од властите за што поефикасно да се спротистават на овој глобален проблем.

Податоците кои се официјални се застрашувачки, дури 120 илјади деца или секое трето во земјава живее во сиромаштија. Стапката на сиромаштија кај децата е за 50 отсто повисока отколку кај возрасната популација која изнесува околу 22 отсто. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот.

„Сиромаштијата не е индивидуална, таа е системска! Секој ден, луѓето се соочуваат со бариери кои ги спречуваат да пристапат до нивните права, особено кога системите не се изградени и достапни за секого. Од комплицирани онлајн формулари до недостаток на дигитален пристап, премногу луѓе се изоставени. На 17 октомври, Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, ги потенцираме системските и структурните причини за сиромаштијата. Не можеме постојано да обвинуваме поединци. Време е да се поправат системите кои ја продолжуваат нееднаквоста и ги оставаат луѓето заглавени во сиромаштија. Ајде да создадеме решенија кои ги вклучуваат сите. Зборувајте гласно за проблемите и бариерите со кои се соочувате вие или луѓето во вашето опкружување. Споделете ги вашите размислувања и вклучете се во дискусија како да се подобри ситуацијата. Борете се против сиромаштијата, не против сиромашните!”, ова е пораката на Платформата за борба против сиромаштијата.

Од УНИЦЕФ – агенцијата на Обединетите нации за заштита и правата на децата велат дека актуелната состојба на светско ниво предизвикува голема загриженост имајќи предвид дека децата се поранливи на ефектите од сиромаштијата. Сиромаштијата во детството ги засега сите аспекти од животот и може да има доживотни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјалниот развој на децата, и има висока цена врз човечкиот капитал и просперитетот. Покрај подобрување на паричната помош за семејствата со деца, справувањето со детската сиромаштија, исто така, УНИЦЕФ налага повеќесекторски одговор со цел децата да имаат пристап до основните социјални услуги, како што се образование, здравство, исхрана и заштита, без стигма и дискриминација.

„Воведување универзално здравствено осигурување за секое дете, тоа значи да не се условува здравственото осигурување на детето со статусот на осигурување на родителите. Проширување на пристапот до предучилишно образование, што е пресудно за идниот успех во животот и претставува докажан пристап за справување со меѓугенерациското пренесување на сиромаштијата. Спроведување програми за намалување на стапките на напуштање на училиштето и поддршка за вклучување на децата со попреченост и децата вон образовниот систем. Зголемување на достапноста и квалитетот на социјалните услуги како што се услугите за поддршка на родителите и други интервенции насочени кон семејството, а за поддршка и заштита на децата.“ се наведува во извештајот на УНИЦЕФ.

Ексертите сметаат дека една од клучните можности за справување со детската сиромаштија е проширување на опфатот и подобрување на висината на паричната помош за децата што живеат во сиромаштија. Ова може да вклучи проширување на образовниот додаток за да ги опфати и децата во предучилишно образование кое е клучно за градење вештини што им се потребни на децата за да успеат подоцна во животот; подобро информирање и поддршка за да им се овозможи на семејствата пристап до паричната помош која им следува како и усогласување на паричната помош насочена кон децата со реалните трошоци на живот.

Препораките до владата се да размисли и за воведување универзална парична помош за деца. Универзалниот пристап – парична помош за секое дете – драстично ги намалува административните трошоци, ризикот да се исклучат некои деца на кои им е потребна помош и ризиците од дискриминација. Притоа универзалната парична помош за деца придонесува да се изгради и одржи социјалната кохезија, намалувајќи ја нееднаквоста.

Пронајдете не на следниве мрежи: