Седумдесет проценти од новите случаи на коронавирус кои биле детектирани во клиниката „Жан Митрев“, биле всушност случаи на британскиот сој на вирусот, рече вчера министерот за здравство Венко Филипче, нагласувајќи дека британскиот сој побрзо се шири. Меѓутоа, кревети во болниците сѐ уште има, па затоа нема да има нови рестриктивни мерки.
– Навистина има зголемување на бројот на заболени. Во овој момент уште траат испитувањата во лабораторијата во МАНУ, но вчера разговарав со претставници од лабораторијата од болницата „Жан Митрев“ каде што британскиот сој е присутен во 70 проценти. Очигледно е дека се зголемува бројот на заразени и дека еден дел од ова зголемување се должи на тој британски сој за кој знаеме дека полесно се пренесува. Зголемен е бројот на хоспитализирани пациенти, но не до тој степен да ги загрозуваат болничките капацитети. Во болниците во Кавадарци, Прилеп и Охрид има доволно болнички капацитети. Конкретно во Скопје и сега има болнички кревети на Инфективната клиника без модуларната, а значајно ослободен е и болничкиот простор на интерните клиники. Во кој било момент се спремни сите овие клиники да се вратат во режимот на работа кога сите лекари и сестри ротираа и сите интерни одделенија беа за хоспитализирање пациенти заболени од ковид-19 – рече Филипче.
Тој истакна дека засега нема да има нови мерки, но не ја отфрли таквата можност во иднина.
– Гледаме и следиме дали трендот ќе продолжи вака, до тој степен да биде ризик за повторно преоптоварување на болничките капацитети. Поради тоа што засега нема таква индиција, сметаме дека ова е нешто што засега добро се менаџира, но не ја исклучувам таа можност – рече Филипче.
Околу 180 илјади граѓани во системот „Мој термин“ фигурираат како повозрасни од 70 години и како лица со хронични болести. Од нив 50 илјади се пријавиле за вакцинација или преку матичните лекари или преку сајтот вакцинација.мк.
Во иднина, граѓаните ќе се повикуваат да се имунизираат и со други механизми. Исклучително висок процент на здравствени работници покажале интерес да се вакцинираат. За најмногу две недели сите лекари и сестри што работат во ковид-одделенијата ќе имаат примено вакцина од „Фајзер“, информираат од Министерството за здравство.
За британскиот сој на коронавирусот досега е познато дека се шири за седумдесет проценти побрзо од обичниот. Како што веќе објавивме, хоспитализираните се во исклучително тешка состојба. Секојдневно здравствениот кадар се бори со навалицата на пациенти на кои им паѓа сатурацијата, имаат горнореспираторни проблеми, тешкотии со дишењето, проблеми со коагулацијата на крвта како последица на вирусот. Директорите на клиниките со кои стапивме во контакт не се оптимисти дека пандемијата ќе заврши брзо, со оглед на тоа што воопшто нема надолен тренд на заразата.
Сепак, производителите на вакцините, се оптимисти дека вакцината ќе функционира и ќе делува дури и на мутациите на вирусот. Досега во Македонија се регистрирани 30 мутации на коронавирусот.
од Мирослава Бурнс.