Британските рудари ја слават смртта на Тачер, Адамс ја обвини за патењето на Ирците

По вестите за смртта на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, регионалниот функционер на британскиот рударски синдикат NUM, Дејвид Хопер во понеделникот изјави дека „денеска е прекрасен ден” и дека е „одушевен”, додека ирскиот републикански лидер Гери Адамс рече дека Тачер предизвикала големо патење во Ирска, а нејзината политика на крајот доживеала пораз.

„Во моментов пијам во тоа име. Ова е прекрасен ден, Одушевен сум. Денес ми е роденден и тоа е еден од најубавите во поте 70 години живот”, изјави Дејвид Хопер рударски синдикалист од североистокот на Англија.
 „Тачер на североистокот му нанесе повеќе зло од кој и да е друг. И не станува збор само за јагленокопите, настојуваше да ги уништи синдикати, ја десеткуваше индустријата и ги разори нашите заедници. Англија денес увезува 40 милиони тони јаглен секоја година. Тоа е скандалозно”, гневно изјави Хопер.
 „Се обидуваме да организираме заедничка прослава на денот на нејзиниот погреб. За неа тука нема да има премногу солзи, а мислам ни дека нема многу луѓе коишто ќе го гледаат погребот, сигурно ќе има некој натпревар на телевизија”, оцени синдикалистот.
 Од 1985 година речиси 230 илјади британски рудари ја загубија работата, а владата на Маргарет Тачер по цела година спротиставеност меѓу премиерката и рударските синдикати кои стапија во штрајк, затвори 165 рудници.
 Маргарет Тачер со години беше омразена и меѓу ирските националисти во Северна Ирска поради непопустливата политика во текот на 11-те години колку што во трите мандата од 1979 до 1990 година ја водеше британската влада, поради која, меѓу другото, десетина затвореници починаа штрајкувајќи со глад.
 Гери Адамс, кој во јавноста ја претставуваше Ирската републиканска армија (IRA) во поголемиот дел од нејзината тридецениска герилска војна против британската власт во Северна Ирска, оцени дека политиката на премиерката Тачер во однос на Ирска доживеа катастрофален пораз и го одложи постигнувањето на мирот до 1998 година.
 „Нејзиното приклонување на старите драконски воени методи ја продолжи војната и предизвика големи патења. Наметнуваше цензура, заговорнички договори и убивање на граѓани во тајни операции. Одби да го признае правото на граѓаните да гласаат за партиите за кои сакаат”, нагласи Адам во писмената изјава по повод смртта на поранешната британската премиерка Маргарет Тачер.
 „Ние ги почитуваме мртвите. Ние сме народ кој сака да проштева. Ова е политички интервју. Нејзината политика кон Ирска беше целосно и апсолутно неуспешна”, изјави Адамс за медиумите во Белфаст.
 Во Северна Ирска Тачер ќе остане најзапаметена по нејзината непопустливост во текот на штрајкот со глад на затворениците во 1981 година во кој починаа десет луѓе.
 Припадниците на IRA стекнаа голема наклонетост на католичкото малцинство во Северна Ирска поради тоа што со штрајкот со глад сакаа да ја зајакнат барањето да бидат сметани за политички затвореници, одбивајќи истовремено да ја носат затворската облека или да извршуваат какви и да се затворски работи.
 Меѓутоа, Тачер непоколебливо остана на ставот дека тие затвореници се обични криминалци, а не воени или политички затвореници, поради што на крајот десет лица починаа од исцрпеност на организмот.
 Исто така, го промени законот за медиумите, така што електронските медиуми потоа го надсинхронизираа гласот на Гери Адамс.
 Тачер во 1985 година го потпиша англо-ирскиот договорот според кој Република Ирска првпат во историјата доби советодавна улога во прашањата за управување во Северна Ирска, предизвикувајќи го гневот на тамошните пробритански унионисти.
 По тој договор следуваа мировните преговори кои доведоа до првиот прекин на огнот на IRA во 1994 година, и потоа до мировниот договор на Велики петок во 1998 година. Меѓутоа, критичарите велат дека нејзината непопустливост кон IRA го забави напредокот во мировниот процес.
 „Никогаш не успеа да сфати дека кога владата ќе почне да се однесува како паравоена организација, тогаш всушност победува паравоената организација”, изјави Шејмус Малон, умерен ирски националист кој беше заменик на северноирскиот челник од 1998 до 2001 година.
Макфакс
По вестите за смртта на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер, регионалниот функционер на британскиот рударск

Пронајдете не на следниве мрежи: