Бугарите ја споредуваат Македонија со Северна Кореја!?

Нападите од бугарските политичари и интелектуалци деновиве стануваат сѐ посилни и стасаа дотаму што Македонија ја споредуваат со Северна Кореја, што македонската страна веќе стандардно го коментира како дел од кампањата за тамошните парламентарни избори во април и го премолчува.
Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, Бугарија веќе има кристализиран став дека не ги спори идентитетските атрибути. Министерот Османи вели дека за соседите е проблематично нашето толкување на историјата, а Македонија како добар сосед ќе направи корекции на наративот во учебниците, со кој целиот бугарскиот народ се нарекува фашистички.
– Нашите црвени линии за идентитетските карактеристики како јазикот, народот, етничката припадност се јасни и бескомпромисни и драго ми е што Бугарија не ги спори. За да пристапите кон проблем, треба добро да го дефинирате, постојат различни перцепции и кај нас, и во Бугарија, и во ЕУ. Ние не разговараме за идентитетските атрибути, прашањето што го отвори Бугарија се историската основа на тие атрибути. Наш став е дека за историјата може да разговараме во функција на образованието и во коригирање на стереотипите кои ги прикажуваат нашите народи како непријателски – вели Османи.
Според него, треба да се работи на учебниците и „карактеризациите од минатото“ кои ги повредуваат чувствата на бугарскиот сосед, како употребата на епитетот фашистички.
– Конкретната политичка ориентација на една елита од минатото не може да ни ги зароби односите со соседите и ако тоа е навредливо за Бугарија, нема да прифатам нешто што е навредливо за соседите, дури и ако сум во право. Тоа е најнормално помеѓу два соседа – изјави Османи.
И бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов со последната изјава ги потврди зборовите на министерот Османи, велејќи дека не спорат дека денес има Македонци, туку нешто друго.
– С Македонија се обидува да ја изнесе лагата дека Бугарија наводно се обидува да им го одземе правото на самоопределување на Македонците. Не ги принудуваме да го сменат својот идентитет и јазик. Им кажуваме да се нарекуваат како што сакаат. Македонци. Но, не треба да кажете „јас се нарекувам Македонец, затоа што Гоце Делчев беше Македонец или цар Самуил беше Македонец“ – вели Каракачанов.


Бугарскиот професор Кирил Топалов, кој е член на мешовитата историска комисија, вчера за БТВ изјави дека „Република Северна Македонија е Северна Кореја на Балканот“.
– Тешко е да се дојде до научната вистина. РС Македонија е во многу поостра ситуација во цензурата отколку што бевме во времето на Тодор Живков. Никој нема пристап до архивите. Само определени, „наши луѓе“ имаат пристап и сѐ друго што е претставено пред јавноста, па и пред научниците, е фалсификувано – вели Топалов.
Османи: ЕУ создаде опасна непредвидливост на Западен Балкан
Неуспехот на ЕУ да го продолжи процесот на проширување има опасна последица за целиот Западен Балкан, а тоа е големата непредвидливост во регионот во однос на ЕУ перспективата, оцени министерот Бујар Османи, кој два дена помина во официјална посета на Луксембург и Белгија.
– Последицата е што регионот влегува во голема непредвидливост во однос на ЕУ перспективата. Не успеа преговарачката рамка за С. Македонија, но ни заклучоците за регионот, така што целиот регион влегува во непредвидливост, а во овие околности непредвидливоста е поопасна од негативен исход, затоа што тешко се подготвувате и се браните од непредвидлив период. Ние инсистираме на предвидливост – вели Османи.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.