Бугарската влада вознемирена од најавата на Мицкоски за откажување од пругата кон Деве Баир

Неколку дена по најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека македонија има намера да се откаже од изградбата на пругата кон Бугарија што е дел од Коридорот 8 и парите да се пренасочат кон линијата кон Грција, владата во Софија излезе со официјална реакција велејќи дека тие планови се „вознемирачувачки“.

Наведувајќи заклучоци од Европската унија и декларација од Самитот на НАТО во Вашингтон, бугарската влада вели дека ваквите планови на македобнскиот кабиент ја „ослабуваат колективната безбедност на Алијансата“

„Владата на Бугарија ги следи со растечки вознемирувачки изјави и декларации на официјални претставници на Република Северна Македонија насочени кон кршење на меѓународните обврски во областа на инфраструктурното поврзување, вкл. со пренасочување на европските фондови за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 во друг транспортен проект.

Потсетуваме дека Република Северна Македонија во повеќе наврати ја презеде и потврди својата посветеност за инфраструктурно поврзување на двете земји, вклучително и Коридорот 8 – на пример во Договорот за добрососедство од 2017 година и неговите протоколи од 2019 и 2022 година, Меморандумот за разбирање меѓу Албанија, Бугарија и Северна Македонија од октомври 2021 година, заедничката декларација на Албанија, Бугарија, Италија и Северна Македонија од ноември 2023 година , декларациите од Самитот на НАТО од јули 2024 година итн.

Трансевропскиот Коридор 8 не само што ја поврзува Република Северна Македонија со Бугарија, туку има за цел да ја зголеми геостратешката автономија на ЕУ. Таа, исто така, станува клучна логистичка рута долж јужното крило на НАТО од Јадранот до Црното Море и е од големо значење во сегашниот геополитички момент. Неуспехот да се изградат основните компоненти на Коридорот VIII ја ослабуваат колективната безбедност на Алијансата“, вели бугарската влада во денешната реакција.

Таа наевдува дека на крајот на 2023 година, делницата Крива Паланка – Деве Баир беше назначена од ЕУ како еден од шесте водечки проекти на стратегијата „Глобал портал“ и финансирана со над 500 милиони евра грантови и заеми. И ја повикува македонската влада „одговорно и со добра волја да пристапи кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на Трансевропскиот Коридор 8 на нејзина територија“.

Специјалниот пратеник на Германија, Мануел Сарацин, минатата недела за време на посетата на Софија изјави дека „транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот 8 секако е од стратешко значење“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.