Освен во католичките парохии во државата, сите заинтересирани граѓани за присуство на централниот настан на 7 мај, света литургија на плоштадот „Македонија“ во Скопје, бесплатни билети ќе можат да подигнат и на улица „Македонија” кај Меморијалната куќа на Мајка Тереза, на излезот од ГТЦ спрема Плоштад „Македонија“ и на влезот од Старата Скопска чаршија (поранешна Стоковна куќа Мост), информира Координативното тело за организирање на посетата на Папата Франциск на Република Македонија.
Штандовите поставени на наведените локации ќе работат од 9:30 до 17:30 часот, почнувајќи од утре до 3 мај и ќе служат и за информирање на граѓаните за посебните безбедносни и организациски правила.
Како што информираат од владината прес-служба, сите граѓани кои на 7 мај ќе се упатат кон плоштадот „Македонија“ за да учествуваат на литургијата на Светиот Отец Папата Франциск, треба да пристапат во својата зона преку влезот кој е одреден на бесплатниот билет. Билетот да го чуваат со себе до крајот на литургијата.
-На 7 мај сите државни и приватни капацитети ќе бидат обезбедени со потребните услови за работа. Сите граѓани кои живеат или работат околу плоштадот „Македонија“ ќе имаат непречен пристап до своите живеалишта, односно места на работа, преку поминување на еден од одредените влезови. Важно е со себе да носат документ за идентификација. Внатре во зоната ќе имаат слободен пристап до сите локации, освен во затворената зона на самиот плоштад, за која е потребен билет за учество на литургијата, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Користењето на автобусите на ЈСП и железничкиот сообраќај кон Скопје и надвор од Скопје ќе биде бесплатно за сите граѓани кои со себе ќе имаат важечки документи за идентификација.
Од владината прес-служба апелираат до сите граѓани кои живеат на територијата на Град Скопје, на 7 мај да го користат јавниот автобуски превоз при упатувањето кон своите работни места, како и до сите граѓани кои ќе патуваат кон Скопје тој ден, да го користат железничкиот превоз и да избегнуваат користење на автомобили.
Сите паркинзи на ПОЦ (Општина Центар), ЈП Градски Паркинг и АДСПС во Градот Скопје ќе бидат бесплатни на 6 мај после 17 часот, како и на 7 мај во текот на целиот ден.