(ВИДЕО) Дивоградба и нова јама врз клучна цевка на скопскиот водовод во Бутел

Дивоградби на државни парцели станаа вообичаена работа во земјава, но дивоградби на државна земја и на критична инфраструктура е нешто ново и за нас. По аларм од граѓанин, откривме случај на дивоградба врз или веднаш до магистрална цевка на скопски водовод на територија на Oпштината Бутел

Дел од цевката во моментов е соголена и околу неа се копа. Кој копа, не добивме одговор од Водовод, но градоначалникот на Бутел уверува дека тоа се работници ангажирани од градското јавно претпријатие. Ако е нова дивоградба, ветува дека ќе ја спречи

Видеоматеријал од анонимен дојавувач стигна до нашата редакција. Човекот чиј глас се слуша на видеото вели дека на локација во Општина Бутел, која е државно земјиште, никнуваат дивоградби.

Тоа што најмногу го привлече нашето внимание е делот од видеото во кое се тврди дека најновата градежна јама е ископана над магистрална водоводна цевка.

Принтскрин од видеоматеријалот на дојавувачот

„Значи ова секој од Бутел го знае. Ова е државно земјиште. Еве како се копа, да се покрие ова. Тука куќи ќе има“,

се слуша во видеото.

Пријавувачот вели дека дивоградба на државно земјиште е и црно-белата куќа што се гледа на видеото, а е изградена во близина на оваа дупка.

Дојавувачот ни испрати и локација. Нашите прелиминарни проверки покажаа дека е во право – и дека земјиштето е државно и дека баш таму поминува една од магистралните цевки на скопскиот водовод.

Па, решивме и самите да провериме што се случува на терен.

Булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ минува низ скопската населба Бутел. Пред семафорите, наместо право кон скопската обиколница, се скршнува десно. „Рокомија“ е третата улица лево. Таму каде што завршува асфалтот, почнува тампонираниот пат што го има на видеото што ни го прати нашиот „свиркач“. На педесетина метри е ископаната дупка. Во моментот кога пристигнавме, во јамата имаше три лица, а од страна – арматура. Ви близина е и црно-белата куќа чија изградба се чини дека е завршена.

Ископаната јама во близина на железничката пруга во Бутел / фото: „360 степени’

На снимките што ги направивме со дрон попрегледно се распознава околината. Местото е веднаш над сервисна уличка што води во „Железара“ и железничката пруга. Од птичја перспектива се гледа откопаната водоводна цевка за која дознавме дека е клучна за скопскиот водоснабдителен систем.

Веднаш до неа е веќе завршената куќа која во дворот има и нешто што наликува на базен.

До неа пристапивме по земјен пат од спротивната страна. Околината на куќата е оградена. Забележливо беше присуство на работници кои беа прилично зафатени.

Спорните градби снимени со дрон / фото: „360 степени“

Според онлајн-системот на Агенцијата за катастар и позицијата на терен, куќата и раскопаната цевка се на парцели сопственост на Република Северна Македонија.

Таму каде што сега се наоѓа веќе изградената куќа, до ноември 2015 година било неизградено земјиште. Тој месец, почнал да се гради објект, кој според сателитските снимки на Гугл добил покрив за месец-два од почетокот на градбата. Во Катастарот, за тоа место, денеска пишува дека има „самостојна станбена куќа со двор“ од 62 квадратни метри која гласи на физичко лице, иако земјиштето под неа и натаму е на Република Македонија.

Во ноември 2017 година, видливо е расчистување на земјиште во близина на објектот, на кое веќе на следната сателитска снимка, во јуни 2018 година, има базен. Помеѓу март 2021 и ноември 2021 објектот расте – се гради нов со поголем габарит и висина. А во јуни 2022 година, до него почнува да се гради уште еден објект, кој до денеска е завршен.

Но, Катастарот и натаму препознава објект од само 62 метри квадратни на една од локациите, што сугерира дека двете новоградби се дивоградби.

За случајот се обративме до Општина Бутел. Оттаму потврдија дека на локацијата поминува магистрална водоводна цевка, но велат дека најновите градежни зафати не се за темели за нов објект.

Дарко Костовски – градоначалник на Општина Бутел / фото: „360 степени“

„По однос на дупката што ја споменавте, по таа информација што ја имам јас во моментов, пред десетина дена Водовод мереле и извршувале нешто, па затоа е направена одредена јама… По однос на тоа, ако сметате дека таму ќе почне да се гради некој нов објект, бидете сигурни дека тоа нема да биде така. Ве повикувам да го следите секој ден. Доколку почне да се гради, веднаш ќе настапат инспекциските служби и објектот ќе биде отстранет без разлика во која фаза ќе биде и секако ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“,

вели Дарко Костовски – градоначалник на Општина Бутел.

Но, додава градоначалникот Дарко Костовски, нивниот увид на терен покажал дека другите објекти кои се веќе изградени се дивоградби.

„Би требало, кога се градел овој објект, бидејќи и тој најверојатно е над таа водоводна цевка, која е една од клучините, јас не сум стручен во тој дел, но е една од клучните цевки за водоснабдување на Градот Скопје, веројатно и оваа градба за која зборуваме е врз таква цевка, но во тој период покрај општината што мижела, веројатно мижел и Водовод и Градот Скопје бидејќи требало и тие со инспекциските служби да бидат побудни и да видат на какво место се гради еден ваков објект“,

вели тој.

Градоначалникот вели дека кога стапил на функцијата, на крајот на 2021 година, направил анализа со која е констатирано дека во Бутел има околу 150 дивоградби.

„Јас имав две опции – или да започнам веднаш постапка да се буткаат 150 дивоградби што мислам дека повеќе би било политичко прашање заради тоа што мислам дека самиот тој чин ќе предизвика големи немири во државава… Втората опција беше практично да одлучам отакако сум јас градоначалник на Општина Бутел, откако јас ја администрирам оваа Општина, да нема дивоградба и мислам дека многу успешно го работиме тоа. За време на мојот мандат досега се отсранија четири дивоградби, срушени четири дивоградби, и над педесетина се спречени во самиот старт да бидат изградени и тврдам дека до крајот на мандатот тој принцип ќе го почитувам“,

додава Костовски.

Општина Бутел, како и многу други, се соочува со недостиг на инспекциски кадар. Затоа го позајмуваат градежниот инспектор на Општина Штип.

„Истата инспекторка е ангажирана во околу десет општини низ Македонија и можете да замислите каде попрво може да стигне. Навистина ние чекаме 15 до 20 дена по одредена пријава за да може она да стигне и да направи одреден записник. Овие четири објекти што ги бутнавме во минатото навистина процедурата ни траеше по неколку месеци затоа што едноставно не е возможно да постигне секаде“,

вели Дарко Костовски – градоначалник на Општина Бутел.

Градоначалникот Костовски и конкретната градба ја сместува во тие 150 дивоизградени објекти во Бутел за кои засега нема решение за рушење, но вели – ако се руши, тоа не смее да биде селективно.

Да се има куќа со базен веројатно е сон на многумина, а во Македонија очигледно има начини тој да се реализира со заобиколување на законот без никакви последици.

Пронајдете не на следниве мрежи: