Македонскиот премиер Христијан Мицкоски денеска заедно со унгарскиот колега Виктор Орбан оствариле исклучително квалитетна и плодна средба на која разговарале на неколку теми.
Двете влади, информира Мицкоски, се договориле во иднина да воспостават специјална економска соработка, нешто што ќе значи сигурност и нешто што ќе значи финансиска стабилност за нашата македонска економија.
-Во името на таа соработка се договоривме дека веднаш сега одговорните лица, министерствата за финансии на двете Влади да отпочнат процес во којшто унгарската влада ќе и позајми на македонската влада сума од 500 милиони евра под следните услови, а тоа се камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата, што е вкупно 15 години. Имајќи предвид дека воспоставуваме специјална економска соработка, тоа ќе подразбира дека во иднина кога ќе има потреба од такво нешто, ќе можеме повторно да се обратиме до нашиот специјален економски партнер, а тоа е унгарската влада и да побараме поддршка дополнителна што ќе биде потребна за македонската економија, изјави Мицкоски.
Премииерот информира дека овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години.
-Македонската економија ќе добие услови кои што до сега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните. Македонија се сака со дела, продолжуваме понатаму и овде во Вашингтон, посочи Мицкоски.
Во Вашингтон, Мицкоски ја предводи македонската делегација која присуствуваше на НАТО Самитот кој завршува денеска.
Премиерот од Вашингтон заминува за Њујорк каде во следните денови ќе оствари средби со македонските иселеници.