Серијата стории на „360 степени“ за нерегулираниот увоз и продажба на никотински кесички, популарно познати како „снус“, како и за нивната лесна достапност за малолетниците, ги дадоа првите резултати. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, како што вети, иницирал институционална процедура прво да се провери безбедноста на производот, а потоа и евентуално да се регулираат увозот и продажбата
На иницијатива на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, случајот со никотинските кесички или популарно наречени „снус“ ќе се решава преку институциите. Николовски информираше дека Министерството за земјоделство изработило детална информација со која, ако помине на владина седница, Владата ќе го задолжи Министерството за здравство да направи анализи за безбедноста и сигурноста на овој никотински производ.
Ваквата институционална реакција доаѓа откако „360 степени“ објави серија стории за овој производ кој во земјава се увезува без посебна регулатива и е лесно достапен за младите, иако носи ризик за нивното здравје. Некои видови „снус“, во една кесичка, содржат и до 13 пати повеќе никотин отколку една цигара.
„Со таа информација се формира работна група од Министерството за здравство, Министерството за земјоделство, Царинската управа и останатите институции кои треба Владата да ја информираат дали треба да се промени Законот за тутун или дали и на кој начин треба да се регулира ова прашање“,
дополни министерот Николовски.
Тој потсети дека никотинските кесички не се опфатени со Законот за тутун бидејќи не содржат тутун, туку никотин и помошни состојки. Законот е целосно усогласен со директивата на Европската Унија која, сепак, не го регулира овој производ, туку европските земји поединечно одлучуваат каква ќе биде политиката кон него.
„Меѓутоа, по оваа наша иницијатива, врз основа на тоа какви ќе бидат одлуките на Владата на база на стручните анализи на Министерството за здравство, ние така и ќе постапуваме“,
вели Николовски.
Иако Државниот инспекторат за земјоделство уште од април 2023 година тврдеше дека не се издаваат дозволи за увоз на никотински кесички, „360 степени“ го најде тој производ во продажба со датум на производство далеку по датумот на наводната забрана. Од Царината тогаш признаа дека никотинските кесички во земјава се увезуваат без пречки и ограничувања и без потреба од каква било дозвола затоа што не се законски регулирани.
Со оглед на тоа што, првично, Државниот инспекторат за земјоделство ги сметал никотинските кесички за тутунски производ опфатен со Законот за тутун, решивме за ова да го прашаме министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Го најдовме на настан во Светиниколско. Откако му објаснивме како стојат работите, тој вети дека ќе иницира да се најде решение.
Причината поради која редакцијата на „360 степени“ почна да истражува на темата „снус“ беше алармот од родители со поплаки дека децата без проблеми доаѓаат до производот кој содржи високи количини никотин. За да се увериме во таквите тврдења, излеговме на терен со деветтоодделенец на 14 години, со дозвола на неговите родители. Во сите трафики во кои побара, му продадоа „снус“ и покрај тоа што на кутијата пишува дека е за лица над 18 години.
Направивме и анонимна анкета меѓу средношколци која потврди масовна (зло)употреба на овој производ.
Никотинските кесички го вкучија алармот и во училиштата. Во скопската гимназија „Орце Николов“ на почетокот на второто полугодие на учениците и родителите им беше поделен материјал со информации за штетните последици по здравјето на младите што може да ги предизвика злоупотребата на „снус“.
Универзитетскиот професор и клинички токсиколог Андон Чибишев објасни дека тоа е производ кој во некои земји се користи за одвикнување од цигари, но секако е штетен за непушачи.
„Луѓе што го употребуваат за да се одвикнат, тие се веќе зависни од никотин и го користат за да се ослободат од дел од зависноста. А тоа што вие го кажувате дека го користат млади луѓе од 12 до 16 години, тие практично со употребата стануваат зависници“,
вели Андон Чибишев – универзитетки професор од Клиниката за токсикологија.
Кесичката „снус“ се става меѓу усната и непцето, со што се стимулира ослободување никотин кој посредно навлегува во крвотокот.
Во некои европски земји никотинските кесички се забранети, во некои се дозволени, додека во трети се води дебата дали да се дозволи продажба која, секако, би била законски регулирана. Според изјавата на министерот Николовски, и во земјава почнува процес прво на оценка дали треба да се дозволи увоз и продажба и ако да, под какви услови.