Владата го утврди и усвои текстот на Националната развојна стратегија 2024-2044 година


Во документот, како што велат од Владата, се дефинирани главните национални развојни цели и стратегиски приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на земјата, особено имајќи го предвид стремежот за членство во ЕУ до 2030 година и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030

Владата на денешната седница го усвои текстот на Националната развојна стратегија 2024-2044 – најголемиот стратегиски документ во кој се дефинирани главните цели и мерки за развојот на земјата во следните 20 години.

Од денешната седница на Владата на РСМ

Во документот, како што велат од Владата, се дефинирани главните национални развојни цели и стратегиски приоритети за забрзан, инклузивен, рамномерен, родово еднаков и одржлив развој на земјата, особено имајќи го предвид стремежот за членство во ЕУ до 2030 година и заложбата за одржлив развој преточена во Агендата 2030.

„Во стратегијата се дефинирани шест стратешки приоритети и тоа: Економија базирана на знаење, иновации и на дигитализација, односно високоинтегрирана економија во меѓународната трговија и во меѓународните финансии и работна сила што ги задоволува сегашните и идните потреби на пазарот на труд; Одржлив локален и регионален развој, што обезбедува кохезија; Демографска ревитализација и социјален и културен развој; Владеење на правото и добро управување; Сигурно, безбедно и отпорно општество и Зелена трансформација“,

информираат од Владата.

Националната развојна стратегија се однесува на правилна имплементација на предвидените мерки коишто имаат голем ефект на многу процеси во државата, како и подигнувањето на квалитетот на живот на граѓаните.

Процесот на креирање на овој документ е реализиран од Владата во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, а е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.

Прифатениот текст на Националната стратегија, чијшто предлагач е кабинетот на премиерот, сега ќе биде доставен на разгледување во парламентот како следен чекор кон нејзина имплементација.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: