Владата донесе две одлуки поврзани со Интерконективниот гасовод со Грција

Владата, на предлог на Министерството за транспорт и врски ја разгледа и усвои информацијата за донесување Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за Интерконективен гасовод Република Северна Македонија – Грција и го донесе Урбанистичкиот план.

– Проектот Интерконективен гасовод Република Северна Македонија – Република Грција претставува секција (дел) од целокупната мрежа којашто треба да се изгради на територија на Република Северна Македонија. Овој гасовод ќе биде гасовод што го поврзува системот за пренос на гас на Северна Македонија со грчкиот Национален систем за пренос на природен гас (NNGTS) во Неа Месимвриа, наведува владината прес-служба.

Гасоводот, според посочувањето од Министерството за транспорт и врски, ќе биде составен дел од Националниот гасификационен систем во Северна Македонија и ќе овозможи двонасочна трансмисија на природен гас на овој југоисточен дел од државата. Делницата за интерконекција меѓу Северна Македонија и Грција на територијата на нашата држава е со должина од 66.7 километри. Делницата почнува од границата со Грциjа и завршува кај Неготино, а крајната точка на оваа делница е спој со веќе изградената блок станица БС-08.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за склучување Дoговор за однапред резервиран капацитет (Advance reservation capacity agreement – ARCA), за резервирање капацитет на грчката страна од интерконекциската точка Евзони – Гевгелија и го одобри склучувањето на Договорот, донесувајки ја Одлуката со предложениот текст.

– Реализацијата на проектот за изградба на Интерконективен гасовод со Република Грција претставува магистрален гасовод за пренос на природен гас за поврзување на Република Северна Македонија со Република Грција, што ќе овозможи обезбедување дополнителни количини природен гас на државата од различни извори на снабдување со природен гас. Овој интерконективен гасовод ќе овозможи диверзификација, сигурност во снабдувањето и можност за намалување на увозната цена на природниот гас, бидејки ќе се обезбеди достапност на природен гас од повеќе различни извори на природен гас, се наведува во соопштението од Влада.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.