Како што и се очекуваше грчкиот Парламент со 151 глас ѝ изгласа доверба на Владата на премиерот Алексис Ципрас. Со ова, по добиената доверба од Парламентот, вниманието на грчката Влада сега се насочува кон Договорот од Преспа и пратениците кои што би гласале за негова ратификација.
Непосредно пред гласањето на пратениците им се обрати грчкиот премиер Алексис Ципрас кој меѓу другото се задржа и на Договорот од Преспа. Ги извести дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно договорот, но и му се обрати на лидерот на “Нова демократија“ и го повика на дијалог за Договорот од Преспа или во Парламентот или на некоја телевизија.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија “Нова демократија“ во својот говор порача дека „тој што гласа ЗА, го отвора патот за наводниот македонски идентитет и јазик за соседите, како што предвидува Договорот од Преспа“ и му порача на Ципрас „да ги заборави експресните процедури и тајните методологии за да го помине штетниот Договор од Преспа”.
За доверба на Владата, освен пратениците на “Сириза“, гласаа уште шест пратеници: Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис од “Независни Грци“, и независните пратеници Елена Кундура, Катерина Папакоста, Спирос Данелис и Василис Кокалис.
Сите пратеници од опозициските партии “Нова демократија“, “Движење на промена“, “Златна зора“, “Река“, “Сојуз на централисти“ и “Комунистичката партија на Грција“ гласаа против.
По завршувањето на гласањето, грчкиот премиер во изјава за медиумите рече дека Владата со добиената доверба ќе го заврши четиригодишниот мандат со едниствен критериум – интересите и потребите на грчкиот народ, јави дописничката на МИА од Атина.
-Парламентот даде глас на доверба за стабилност, даде глас на доверба за напорите за враќање на меѓународниот кредибилитет на земјата. На владата која веќе ја промени Грција и која ќе продолжи до завршувањето на нејзиниот уставно одреден мандат со единствен критериум потребите и интересите на грчкиот народ, потребите и интересите на Грција, рече Ципрас.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.