Во знак на благодарност за вакцините, Владата размислува летово да ги ослободи српските државјани од плаќање патарина во земјава.
Ваквите најави синоќа ги даде премиерот Зоран Заев.
„Не можете да се раздолжите кон ваков чин пријателство. Се размислува летово на возилата со српски регистрации да им поделиме картички за патарини за да не плаќаат, да се оддолжиме некако, иако тоа нема цена, но сепак Србија дала пари на граѓаните за тие вакцини. На пријателството да вратиме со пријателство“,
рече Заев кој уште еднаш повтори дека владата направила сè што може за набавката на вакцини.
Земјава од Србија првично доби донација од 8 000 вакцини од „Фајзер“, а пред два дена стигна донација и на 20 000 дози „Спутник В“. Втората пратка од 20 000 дози донација треба да стигне наредниот период. Минатиот викенд, пак, Србија дозволи вакцинација за странски државјани каде голем број наши државјани заминаа да се вакцинираат. Засега од српското Министерство за здравство нема точна бројка колку граѓани на Северна Македонија биле вакцинирани во Ниш и Белград, но според податоците на властите, тој викенд границата кон Србија ја поминале околу 10 000 граѓани.