Владата со нов притисок врз „Република“

Loading...

Службите на Владата во редакцијата на Република испратиле барање за демант потпишано лично од премиерот Зоран Заев.
Порталот денеска го објави барањето за демант иако, како што пишува Република, се работи за личен став на надворешен соработник на медиумот, објавен во рубриката Колумни, во која под секој текст стои јасно видлива забелешката:
„Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.“


-Текстот во Република нема за цел да навреди некого лично ниту пак да наштети на нечиј углед. Во текстот е изнесен личен став на авторот, искажан во стил кој е резултат на неговиот авторски порив, а не се изнесени историски факти кои се однесуваат на конкретен настан од минатото. Сметаме дека тоа е во согласност со правото на јавно изразување и слобода на медиуми. Критиката и поинаквото мислење за потегот на Владата не значи лична навреда и омаловажување. Бидејќи во текстот се изнесен личен став, а не се изнесени тврдења или информации чијшто вистинитост или невистинитост може да се докаже или побие со факти, ова барање го сфаќаме како уште еден притисок врз новинарството и врз слободата на изразување, но и конкретно врз нас, како растечки медиум, врз кој СДСМ со години врши политички притисок поради разидувањето во ставовите, пишува Република.

Барањето за демант се однесува на првиот пасус на текстот „Денес црни скотови ни ја силуваат нашата мајчичка Република Македонија“, колумна на Алдо Климан, објавена на порталот Република на 17 јуни 2018 година во 12.07 часот.

Барањето е објавено и на страницата на Владата на Република Македонија, а споделено е и на Фејсбук страницата на Владата.

loading...