Владата на Република Македонија во врска со ширењето лажни вести и невистини за примената на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија ги соопштува следните факти:
Законот за употреба на јазиците во Република Македонија, беше донесен соодветно на предвидените процедури во Собранието на Република Македонија. Опозицијата ги имаше сите можности амандмански да учествува во усовршувањето на законот. Опозицијата сама донесе одлука да не учествува во политичкиот процес на донесување на Законот за употреба на јазиците.
Неучеството не ја исклучува политичката одговорност на опозицијата за нивното одбивање да бидат дел од унапредувањето на правата на граѓаните во нашата земја.
Лажните или неосновани тврдења за наводен дополнителен товар во буџетот и за нови вработувања се само изговори и опструкции на опозицијата.
Вистината е дека Агенцијата за примена на јазикот и Инспекторатот за употреба на јазиците, како што предвидува законот и како што беше утврдено со политичкиот договор за негово донесување, кадровски ќе бидат екипирани од постоечките човечки реурси во министерствата, агенциите и секретаријатите. Не се предвидени нови вработувања.
Спроведувањето на законските одредби е обврска на сите институции опфатени за негова примена.
Погрешно и манипулативно е тврдењето дека Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија со својство на правно лице, ќе го издигне албанскиот јазик над сите останати јазици во Република Македонија.
Вистината е нешто сосема друго, односно работата на Агенцијата ќе се однесува на сите јазици.
Агенцијата ќе ги опслужува општините и другите институции во оние населени места каде што мнозинството граѓани се Македонци. Во тие градови, во случај кога некој граѓанин од албанска, ромска, бошњачка, српска, турска, ромска или друга етничка заедница ќе има потреба од каков бил документ на друг јазик, покрај македонскиот јазик, тогаш Централната агенција ќе им излезе во пресрет на тие граѓани, да им обезбеди услуга на нивниот мајчин јазик којшто најдобро го разбираат.
Тоа значи дека во институциите во општините каде што немнозинските заедници не се застапени со повеќе од 20% од граѓаните, нема да се вработуваат нови административци за исполнување на одредбите од Законот за употреба на јазиците, а услугите ќе бидат обезбедувани преку Централната агенција за која ќе бидат ангажирани постоечки капацитети од јавната администрација.
Не е точно и тврдењето дека повеќе официјални јазици има во држави во кои има повеќе автономни делови и дека со овој закон се загрозува унитарноста на Македонија.
Вистина е дека унитарниот карактер на Македонија не е доведен во прашање, a законот нa ниту еден начин не ја загрозува употребата и заштитата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.
Дека поголемите права за етничките заедници не ја за загрозуваат унитарноста на државите говорат и следните примери на унитарни држави кои имаат два или повеќе официјални јазици: Црна Гора (црногорски, српски, босански и албански), Малта (малтешки и англиски), Финска (фински и шведски, иако има 5% Швеѓани), Израел (хебрејски и арапски, нив ги има 20%), Косово (албански и српски), Белорусија (белоруски и руски), Кипар (грчки и турски), Ирска (ирски и англиски), Казахстан (казахтански и руски).
Законот е обврска од амандманот V од Уставот на Република Македонија, а особено во врска со став 2 и став 5 амандманот V од Уставот. Наведениот амандман на Уставот е донесен во 2001 година, пред речиси 18 години, а самиот закон не е прв закон од оваа сфера, туку следи после Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 2008 година и измените и дополнувањата на Законот од 2011 година.
Употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е регулирана со ставот 1 од наведениот амандман на Уставот и со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година и при тоа македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи.
Законот за употреба на јазиците не го дерогира постоечкиот Закон за употреба на македонскиот јазик.
Законот не воведува целосна двојазичност ниту на целата територија на Република Македонија, ниту во сите области на правниот поредок. Во меѓународните односи, одбраната, централната полиција и монетарната политика, македонскиот јазик е единствен официјален јазик во Република Македонија, што е утврдено со Законот за употреба на македонскиот јазик од 1998 година.
Согласно заклучок на Владата, Законот за употреба на јазиците ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија од страна на Министерството за правда, и сите евентуални забелешки ќе бидат вградени во текстот на овој Закон. Тоа е гаранција за целосно почитување на европските стандарди.
Сите се добитници со овој закон, Македонија ништо не губи, а многу добива со остварување на последното отворено прашање од Охридскиот рамковен договор. Законот за јазици е во рамките на Уставот и овозможува услови за спроведување едно заедничко општество за сите граѓани на Република Македонија.
Со носење на Законот за употреба на јазиците, Владата на РМ става крај на национализмот, одејќи напред, со почитување едни кон други, со уважување на правата и потребите на секој граѓанин и секоја заедница.