Власта да им се извини на граѓаните и да каже која е алтернативата, бараат од СДСМ за одвојувањето на Македонија од Албанија

СДСМ го впери прстот во ВМРО-ДПМНЕ за одвојувањето на пакетот Македонија-Албанија и прекинот на преговорите со ЕУ.

-И како опозиција и како власт, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски свесно и намерно го блокираат европскиот пат на државата. Резултат на тие погрешни политики и дипломатски промашувања го гледаме денеска. Албанија продолжува напред по патот на ЕУ а Македонија влегува во нова неизвесност, без план како да понатаму, велат од најголемата опозициска партија, нагласувајќи дека партијата на Христијан Мицкоски е „единствен виновник“.

-Последниот чекор кој ВМРО-ДПМНЕ намерно и свесно не го направи е единствено поради лични и бизнис интереси на Мицкоски и неговите соработници. Сега власта треба да излезе пред граѓаните, да им се извини и да каже која е алтернативата, бараат од „Бихаќка“.

Албанија направи исчекор на евроинтегративниот пат. Земјата во Луксембург ја одржа втората меѓувладина конференција со ЕУ, со што и официјално го отвори првиот кластер „темели“, каде што се вклучени фундаменталните реформи од кои зависи темпото на преговарачкиот процес. Тирана ќе ги води преговорите според новата, ревидирана методологија, а албанскиот премиер Еди Рама рече дека ќе бидат подготвени за членство до 2030-та година.

Скопје и Тирана во јули 2022 година ги одржаа првите меѓувладини конференции. Рама се послужи и со сарказам, кога му се заблагодари на Путин дека со руската агресија врз Украина ги натерал и најскептичните да увидат дека Западен Балкан и е потребен на ЕУ.

Пронајдете не на следниве мрежи: