Внесувањето на Бугарите во Уставот не задира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси


Сите земји кои сакаат да се придружат на ЕУ треба да ги применуваат стандардите за човекови права. Тоа се очекувањата, вели евроамбасадорот Дејвид Гир, потенцирајќи дека тој процес во секоја земја кандидат го следи Советот на Европа.

Во интервју за телевизија „Телма“, Гир го коментираше и внесувањето на Бугарите во Уставот. И покрај различните мислења во јавноста, вели тој, треба да се застане и да се размисли што всушност значи измената. Според него, одговорот е – ништо суштинско.

„Промената на Уставот, како прво, е суверена одлука која треба да ја донесе оваа земја. Секако во право сте, слушаме многу различни гласови и тоа е на увид на јавноста. Мислам дека е важно да се повлечеме еден миг и да се запрашаме што е всушност оваа уставна измена или што значи во пракса. Во реалноста, тоа значи да се вклучи во Уставот референца на поединците, граѓани на државата, кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е суштината. Нема промена на суштинската природа на Уставот. Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси. Оваа земја веќе има добри резултати на меѓуетнички односи. Овие промени се промени кои може да се спроведат, кои треба да се анализираат на објективен начин, треба да се повлечеме малку и да ги видиме. Да направиме споредба со некои други земји. На пример, Хрватска, која во својот Устав вклучува повеќе од 20 заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, Албанците и Македонците. Тоа не ја промени суштинската природа на Уставот ниту имаше последици по интересите на државата. Мислам дека е најважно да се спроведе дебата која ќе земе предвид за што точно се работи. И да се обидеме да се тргнеме на страна од некаква повисока реторика која не ни помага да видиме за што станува збор“, вели Гир.

Тој додава дека подготвени се да разговараат со сите за да објаснат како ЕУ гледа на тоа, но на крајот од денот, вели, одлуката треба да ја донесе земјава.

Во интервјуто, Гир зборуваше и за корупцијата во земјата. Според него, токму тоа е најголемиот предизвик кој Македонија мора да го реши, бидејќи сето тоа, како што нагласи, влијае врз правата на граѓаните, пристапот до образование, здравјето, вработувањето, унапредувањето.

„Сега, во глобала, имаше некои позитивни чекори во оваа област, одредени закони беа усвоени, некои институции веќе ефикасно работат, како Државната комисија за спречување корупција, како некои од ревизорските органи кои вршат важна работа. Но, како што знаете, законската регулатива не е доволна, таа треба да биде имплементирана, а ако не е имплементирана, мора да биде спроведувана. Што се однесува до судството, да, има некои индивидуи, има некои делови од судството и обвинителството кои ја вршат работата која треба да ја вршат, но мислењето на јавноста за судството е навистина многу ниско. Затоа судството и обвинителството треба на јавноста да ѝ демонстрираат, треба преку постапки да ѝ покажат дека може да има доверба дека овие институции ќе ја спроведат правдата“, рече Гир.

Владата мора да ја одигра водечката улога, но и другите институции, како и медиумите, додава.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: