Војници на руската група „Вагнер“ влегле во заседа во Мали, десетици се убиени, меѓу кои и познати лица

Бунтовниците во северниот дел на Мали, од народот Туарег, изјавија дека убиле и раниле десетици војници и платеници на „Вагнер“ во борбите во близина на границата со Алжир. Од друга страна, армијата соопшти дека изгубила двајца војници, но дека убила дваесетина бунтовници, пишува Ројтерс.

Бунтовничкото движење, „Постојана стратешка рамка за мир, безбедност и развој“, објави дека запленило оклопни возила, камиони и тенкови во борбите во градот Тинзауатен во четвртокот и петокот.

Бунтовниците, исто така, соопштија дека оштетиле хеликоптер што се урнал во градот Кидал, на околу сто километри.

Малиската армија потврди дека еден од нивните хеликоптери се урнал во петокот во Кидала за време на рутинска мисија, но соопштија дека нема загинати.

Неколку руски воени блогери во неделата објавија дека најмалку 20 членови на групата на „Вагнер“ биле убиени во заседа во близина на границата со Алжир. На руските телеграмски канали се наведува дека во Мали загинале неколку познати воени блогери, меѓу другите Никита Федјанин, еден од најпознатите известувачи на „Сива зона“.

„Борците на ‘Вагнер’, кои се движеа во конвој со владините трупи, беа убиени во Мали, а некои беа заробени“, изјави познатиот руски воен блогер Семјон Пегов, кој се нарекува War Gonzo. Убиен бил и командантот на групата Сергеј Шевченко.

Украинската воена разузнавачка агенција тврди дека била вклучена во заседата илјадници километри оддалечена од линијата на фронтот во Украина.

Андриј Јусов, портпарол на украинската воена разузнавачка агенција ГУР, во понеделникот рече дека „бунтовниците ги добиле потребните информации, и не само информациите, кои овозможиле успешна воена операција против руските воени злосторници“.

Новинскиот канал „База“ на Телеграм, поврзан со руската безбедносна заедница, исто така објави дека најмалку 20 борци на „Вагнер“ биле убиени.

Групата „Вагнер“ одигра важна улога во некои од најжестоките борби во руската војна во Украина, но иднината на групата беше доведена во прашање откако шефот на групата, Евгениј Пригожин, загина во авионска несреќа во август – два месеци по неуспешниот бунт против Кремљ.

Во Мали, воените власти ја презедоа власта по државните удари во 2020 и 2021 година и се борат со долгогодишниот исламистички бунт. Тие велат дека руските сили присутни таму не се платеници на „Вагнер“, туку инструктори кои им помагаат на локалните војници со опрема купена од Русија.

Во извештајот на Телеграмскиот канал „База“ се наведува дека борците на Вагнер се во Мали најмалку од 2021 година.

Туарезите се етничка група која живее во Сахара, вклучително и делови од северниот дел на Мали, и многу од нив се чувствуваат маргинализирани од владата на Мали.

Тие започнаа бунт против хунтата во Мали во 2012 година, но бунтот подоцна беше киднапиран од исламистички групи.

Групата потпиша мировен договор со владата на Мали во 2015 година, но CSP-PSD се повлече од преговорите на крајот на 2022 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: