ВО ЕУ ДА НЕ ВЛЕЗЕМЕ СО СВИТКАН ‘РБЕТ Димитриевски вели дека Македонија заслужува претседател со крената глава

Претседателски кандидат на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, смета дека земјава минува низ лоши процеси, а суштинските промени не се случуваат сами од себеси, туку мора да бидат поттикнати. Затоа тој одлучил како нов политички субјект, со неговите истомисленици да влезе во борба со цел државата да добие татко на нацијата, човек којшто ќе го обедини македонскиот народ и сите граѓани на Македонија.
Тој вели дека Македонија заслужува да има претседател со став и карактер и со крената глава, а не со свиткан  ‘рбет да влеземе во ЕУ.
Тој во интервју за МИА нагласува дека е лесно да се седи настрана и оти тој сака да придонесе за промени во општеството, бидејќи, како што вели, во моментов тоа е креирано наменски да им служи на политичките елити, кои владеат 30 години.
– Сепак, претседател на државата е татко на нацијата и тој може со своето делување да ја врати тежината на граѓаните, бидејќи во моментов ние живееме во едно општество кое што е креирано наменски да им служи на политичките елити кои 30 години веќе го владеат – вели Димитриевски на прашањето што беше пресудно да се реши да станете кандидат за шеф на државата.
Во однос на надлежностите на претседателот согласно Уставот и законите, тој најавува дека доколку биде избран за претседател ќе се заложи за директна соработка со МНР и предност ќе даде на дипломатите од кариера за поуспешно претставување и позиционирање на државата надвор од границите, на меѓународен план. Во делот на дипломатијата, државата има потреба од професионална дипломатија, вели Димитриевски, бидејќи според него, политизацијата на дипломатијата во моментов го урнисала нашето Министерство за надворешни работи.

 – Дополнително министерот за надворешни работи мора интензивно да соработува со претседателот –  оценува Димитриевски.

Тој вели дека мора да се воведат нови стандарди во имплементацијата на власта, враќање на довербата на граѓаните, а токму претседателот на државата кој доаѓа од нов политички субјект може да ја врати таа независност на граѓаните во делот на претставување на граѓаните.
– Затоа, сметам дека јас сум вистинскиот граѓански кандидат и ќе го дадам својот максимум за да ги убедам граѓанитe дека со мојот избор всушност ќе ја направат и вистинската одлука за државата која може да го обедини македонскиот народ, а не да го дели по секој основ, првенствено по политички – вели Димитриевски.
Црвени линии од кои нема отстапување кога е во прашање стратешкиот приоритет – членството во ЕУ, вели се зачувување на достоинството на народот и консолидација преку градење национално единство и консензус за виталните национални интереси.
– Ние како Македонци и како Македонија треба да влеземе во Европската унија со крената глава а не со свиткан рбет. Тоа значи дека ние сакаме да бидеме членови на Европската унија поради вредностите на ЕУ, а тоа се заштита на интересите на малите во однос на големите. Недозволиво е држави членки на Европската унија преку нашиот процес за евроинтеграции да ги решаваат нивните билатерални самонаметнати проблеми до нас, бидејќи имаме адресирано такви проблеми. И затоа е неопходна консолидација на македонскиот народ за да бидеме многу посериозно сфатени во меѓународната задница, бидејќи вака поделени по политички основ дополнително оставаме простор дека сме многу послаби и не можеме да ги решаваме тие проблеми. Кога ќе покажеме еден вид на национално единство и консензус по сите тие прашања дека Македонецот е Македонец во континуитет, а не како што некои тврдат од 1945 година, дека македонскиот јазик е посебен јазик, имаме наша историја која што ја граделе нашите предци, бидејќи оваа држава е резултат првенствено на македонскиот народ којшто живеел на овие простори потпомогнат од сите останати етнички заедници или делови на народи коишто живеат на овие простори. Да чекавме на други, ние немаше да имаме независна држава. И токму тука е тој национален концепт –  подвлекува Димитриевски.

Пронајдете не на следниве мрежи: