Во недела се Цветници-православните христијани го слават влегувањето на Христос во Ерусалим

Празникот Цветници, познат уште и како Цветоносна недела и Врбица е подвижен празник, секогаш се слави една недела пред Велигден. Тоа е денот кога се доживува Христовото славно влегување во Ерусалим, градот во кој по неколку дена Исус Христос ќе биде распнат на крстот.
При влегувањето на Исус Христос во Ерусалим неговите ученици и следбеници со цвеќе и врбови гранки, како и со својата облека му го постилале патот.
„Кога Христос влегуваше во Ерусалим, луѓето го пречекуваа со извици, постилајќи ги облеките пред неговите нозе и засипувајќи го патот со маслинови гранчиња пречекувајќи го како цар на мирот небесен“. Во таа смисла празникот и е наречен Цветници.
Според толкувачите на Светото писмо, Исус влегол во Ерусалим качен на магаре затоа што кај источните народи магарето било симбол на мирот, наспроти коњите што служеле за водење војни. Магарето мирно му служи на човекот како што Исус му служел на народот.
Пречекувајќи го Исус, одушевениот народ го постилал патот и пеел: „Осана на синот Давидов. Благословен е оној кој доаѓа во името Господово. Осана на вистините“ Во спомен на влегувањето на Исус во Ерусалим уште од најрани христијански времиња е востановен празникот Цветници, кој, меѓутоа, се празнува од III век.
Овој ден повикува подлабоко да се доживее тајната на тие случувања. Во се што ќе се доживее овие денови е скриена и тајната на верувањето во Исус Христос, Спасителот.
Според народните обичаи во Скопско на Цветници се одело во црква од каде секој земал китка цвеќе, ја ставал во појас и ја носел цел ден. Во селата на Скопска Црна Гора тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично.
Во гостиварското село Вруток на празникот Цветници се одело на цвеќе. „Напред по цвеќе одевме на Цветници во местото што се викат Бука. Таму беревме каќунки, петопрс, здравец и други цветќа. После се враќавме назад и се допиравме ке чешмата на Ласко-Равен. Туе ќе си ручавме посно јадење: риба, маслинки и друго. Нестите и дејките ќе го китеа зравецот и другото цвеќе. После ќе пеевме, оро ќе тргаа нестите и ќе си пеа, а мие машките-ергените и младоженците гледавме како играат. И мие машките игравме само ко имаше тʼпан.“

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.