Секоја година на 11 септември се одбележува празникот посветен на погубувањето на Св. Јован Крстител. Во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен.. Поради значењето на овој светец, црквата овој ден го прогласила за строг пост.
Иако Свети Јован е погубен пред Пасха, празникот е поместен на овој ден затоа што тогаш е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.
Значењето на Свети Јован Крстител неговиот голем култ воопшто во христијанскиот свет оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ. Па така како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни, селски или поголеми свечености, со заеднички гозби (ортии) и сл.
Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.