Втори август е славен датум за нашата заедничка историја, вели Радев во честитката за Илинден

Република Бугарија останува решена да работи на воспоставување добрососедски односи со Македонија и да ја обезбеди потребната поддршка за исполнување на договорените критериуми за членство во ЕУ, вели шефот на бугарската држава во честитката до македонската колешка.

Како наследници на нашите предци, имаме одговорност и историска должност да ги следиме и достојно да ги чуваме заветите од нашето минато, заради нашата заедничка европска иднина, порачува претседателот на Бугарија, Румен Радев, во честитката до граѓаните на Македонија и до колешката Гордана Силјановска-Давкова, по повод македонскиот државен празник Илинден.

Шефот на бугарската држава во честитката посочува: „2 август е славен датум за нашата заедничка историја и заедно со настаните поврзани со Илинденско-Преображенското востание се причина за гордост и почит кон храброста и посветеноста на нашите предци во името на нивните аспирации за слобода, еднаквост и правда“.

Според него, саможртвата на хероите од Илинденско-Преображенското востание го носи сеќавањето низ времето кое засекогаш ќе ги поврзе Бугарија и Република Македонија и нивните граѓани.

„Високите идеали на востанието денес се основата на вредностите на обединета Европа“, потенцира Румен Радев констатирајќи дека заедничката европска иднина бара неопходна волја и искрен пристап во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и преземените обврски.

„Република Бугарија останува решена да работи на воспоставување добрососедски односи со Република Македонија и да ја обезбеди потребната поддршка за исполнување на договорените критериуми за членство во ЕУ“, подвлекува Радев во честитката до Силјановска-Давкова.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.