Вучиќ рече дека со американскиот дипломат вчера во Белград разговарал за т.н германско-француски план за Косово, пренесе Бета.
„Ние укажавме на се она што веќе им го доставивме на авторите на тоа писмо во нашиот нон-пејпер, кои се нашите црвени линии. За која било форма на формално или неформално признавање на независноста или отстапување членство во ОН, ние не сакаме и не можеме да разговараме и тоа е составен дел од тој план. Можеме да зборуваме за се друго“, изјави Вучиќ во Белград.
Тој додаде дека е благодарен што американската администрација сега инсистира на имплементација на Бриселскиот договор, вклучително и формирање на Заедницата на српските општини, но и оцени дека „невозможно е да се постигне напредок доколку некој постојано се повикува на нивните сопствени правни акти“.
Вучиќ оцени и дека прашањето како треба да изгледа Заедницата на српските општини „првенствено“ се однесува на Србите.
„Добро е што сега е јасно дека ЗСО мора да се формира“, рече српскиот претседател.