Ова се дел од наодите во истражувањето на меѓународната асоцијација „Галуп интернешенел“ за крајот на годината што традиционално се спроведува последните децении.
Во Северна Македонија, 80 проценти од анкетираните очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година. Над половина (57 проценти) очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно.
Ова се некои од наодите од истражувањето на Меѓународната асоцијација Галуп интернешенел за крајот на годината –традиционална анкета во последните децении. Новата 2023 пристигнува со прилично песимистички очекувања. Помалку од една третина (31 отсто) од испитаниците веруваат дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година. Спротивното мислење го делат 34 отсто, а 27 проценти веруваат дека 2023 година ќе биде иста како претходната. Резултатите покажуваат поголем песимизам во споредба со минатите години и сликата сега е слична на ставовите од крајот на 2008 година, која беше година со најголем песимизам во светот во новиот век.
Како што посочуваат резултатите, најоптимистични за иднината се луѓето во Нигерија, Пакистан, Казахстан, Филипини и Индија. На крајот од оваа година топ 5-те песимистички земји се европски – Полска, Чешка, Србија, Франција и Италија. Традиционално Русија е прилично на песимистичката страна. Годинава 22% од испитаниците рекле дека се оптимисти за иднината, 36% сепак се песимисти дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година и 20% се неутрални во нивните очекувања, останатите не знаат.
Во САД, од друга страна, има драматично поместување кон песимизам во последните неколку години. Оптимистите денес за подобра нова година се уште се повеќе од песимистите – 37% очекуваат 2023 да биде подобра од 2022 година, а 27% се подготвени за полоша година. Неутралните се речиси третина од испитаниците и 6% не можат да формираат мислење. Минатата година оптимистите во САД беа 40%, а
песимистите – 19%. Во 2020 година 59% од Американците очекуваа подобра година, а 16% беа песимисти.
Во Северна Македонија на прашањето: “Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44% рекле дека ќе биде полоша, 36% дека ќе биде иста како 2022, а 6% не знаеле/немале одговор.
Очекувањата за економијата, се посочува, исто така, покажуваат постојан раст на загриженоста. Сега 21% од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, речиси половина (48%) се подготвени за економски тешкотии и четвртина сметаат дека 2023 година ќе биде иста како 2022 година. Останатите не можат да проценат.
-Овие ставови го продолжуваат негативниот тренд за надежите за економски просперитет, кој започна пред неколку години – во 2016 година беше забележана точка на прекршување и 2020 година со пандемијата „Ковид-19“ се чинеше дека е година со најлоши очекувања по кризата во 2008 година. Но, сега ставовите изгледаат многу слични или дури и полоши од оние на крајот на 2020 година. Сепак, светот не е толку негативен во врска со економските очекувања колку во 2008 година со својата криза, се оценува во истражувањето.
Повторно, се посочува, нациите од југот и истокот се меѓу првите пет оптимисти за економски просперитет: Нигерија, Пакистан, Кенија, Азербејџан, Казахстан. Европа повторно се издвојува како најпесимистички регион во однос на економијата: Полска, Србија, Германија, Босна и Херцеговина, Чешка, Романија. И во САД и во Русија е еднаков уделот на испитаниците кои очекуваат економски тешкотии (47%).
Анкетираните граѓани во земјава на прашањето: “Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?”, 12% рекле дека ќе биде година на економски просперитет, 57% дека ќе биде година со економски
потешкотии, 26% дека ќе биде иста како претходната а 4 % не знаат или немаат одговор.
Надежите за светот и неговата економија можеби се во опаѓање, но личната среќа сè уште преовладува. Сепак, се чини дека е во континуиран пад во последните години. Мнозинството (54%) од луѓето од различни нации ширум светот се сметаат себеси за прилично среќни, па дури и многу среќни. Повеќе од една десетина се сметаат себеси за многу несреќни или несреќни, а една третина не се ниту среќни
ниту несреќни.
Повторно, земјите од истокот и југот се меѓу првите пет среќни нации: Филипини, Мексико, Малезија, Авганистан, Еквадор, Јапонија и Казахстан. Европа е на помрачната страна; сепак, понесреќните земји се распространети низ целиот свет: Ерменија, Кенија, Хонг Конг, Аргентина, Турција и Молдавија. Ова повторно доаѓа како потврда дека перцепцијата за среќа имаат различно потекло – во зависност од
индивидуалните околности и националниот контекст.
И покрај тоа што се загрижени за иднината и економијата, луѓето во САД изјавуваат дека се прилично среќни – 54%. Несреќни се 16%. Во Русија 44% од испитаниците се сметаат себеси за среќни личности, а 14% велат дека не се задоволни од својот живот.
Во Северна Македонија анкетираните граѓани на прашањето: “Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”, 5% рекле дека се многу среќни, 44% се среќни, 38% ниту се среќни ниту несреќни, 9% се несреќни, 4% се многу несреќни.
Сепак, се појави нова и тешка сенка, која дојде со војната во 2022 година. На крајот на 2022 година, 38% од луѓето ширум светот гледаат висок ризик од употреба на нуклеарно оружје во денешно време. Други 38% мислат дека постои умерен ризик, а само 14% не гледаат ризик од употреба на нуклеарно оружје во скоро време.
Луѓето во Ирак, Нигерија, Филипини, Кенија се најзагрижени за можноста некој да употреби нуклеарна бомба. Одговорите во земјите поблиску до војната во Украина се малку поинакви. Најмалку загрижени се луѓето во Пакистан, Ерменија, Азербејџан, Република Кореја, Казахстан и Индија. Стравот од употреба на нуклеарно оружје е прилично умерен во САД – 27% таму велат дека ризикот е висок, а 55% го оценуваат како умерен. 11% не гледаат ризик од употреба на нуклеарно оружје во денешно време. Во Русија ставовите се слични, иако релативно помирни – четвртина од испитаниците таму стравуваат дека ризикот од користење нуклеарно оружје е висок, 38% гледаат умерен ризик, а 12% не гледаат ризик.
Испитаниците во Северна Македонија на прашањето “Според вас, кој е ризикот од употреба на нуклеарно оружје в денешно време – без ризик, умерен или висок ризик?” ги дадоа следните одговори: 11% сметаат дека нема ризик, 27% сметаат дека има умерен ризик, 58% сметаат дека има висок ризик и 4% не знаат.
-Западот повеќе не е гнездо на оптимизам и просперитет како што беше во минатото според неговите жители. Сè повеќе луѓе сфаќаат дека војната не е близу Европа – војната е во Европа. А Европската заедница е проект за мир пред се. Дали ќе преживее, во следната 2023 година, е под сериозен знак пращалник, вели Канчо Стојчев, претседател на Gallup International Association.
Истражувањето “Крајот на годината” (End of Year Survey) на Галуп Интернејшенел е традиција од 1977 година и се спроведува секоја година. Оваа година се спроведе во 34 земји во светот во текот на октомври-декември 2022 година при што биле интервјуирани вкупно 35.664 лица. Во земјава БРИМА го спроведе истражувањето со теренска анкета (TAPI), лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1206 испитаници на возраст над 15 години, во период од 1 до19 декември.