Германија издвојува 576 милиони евра за набавка на муниција за Украина

Германското Министерство за одбрана соопшти дека ќе обезбеди „речиси 40 отсто од вкупната сума“ што ја ветија европските земји учеснички во овој проект

Германската влада ќе придонесе со 576 милиони евра за чешката иницијатива за заедничко купување муниција надвор од Европската унија (ЕУ) за поддршка на Украина и компензација за недостигот во производството на ЕУ.

Со таа сума „Германија ќе финансира набавка на 180 илјади парчиња муниција“ и ќе обезбеди „речиси 40 отсто од вкупната сума“ што ја ветија европските земји учеснички во овој проект, соопшти денеска германското Министерство за одбрана.

Таа муниција, на украинскиот фронт, треба да биде испорачана од јуни.

Чешка веќе неколку месеци се мобилизира за да ги убеди другите земји да финансираат фонд наменет за набавка на муниција што ЕУ не може да ја произведе во доволни количини.

Прага во февруари соопшти дека идентификувала 800 илјади гранати достапни во неевропските земји кои би можеле брзо да бидат испратени во Украина со формирање група купувачи во земјите-членки на ЕУ.

Германија веќе на почетокот на март најави дека во оваа иницијатива ќе учествува со „троцифрена сума“, односно меѓу 100 и неколку стотици илјади евра.

Белгија, Велика Британија, Данска, Франција, Литванија, Холандија, Норвешка и Шведска се исто така меѓу земјите кои придонесуваат за оваа иницијатива.

Веќе неколку месеци, украинските сили се соочуваат со очигледен недостаток на муниција за да ги одбијат подобро опремените руски сили.

Европските земји се борат да го обезбедат она што му треба на Киев, бидејќи воената индустрија во ЕУ сè уште не е прилагодена на војување со висок интензитет.

Минатата година ЕУ се обврза да обезбеди еден милион парчиња муниција до март 2024 година, но ветувањето не беше исполнето.

Иницијативата од Прага досега овозможи собирање средства неопходни за набавка на 300 илјади гранати, според бројките што ги даде чешкиот премиер Петр Фиала на почетокот на март.

Пронајдете не на следниве мрежи: