Министерката за финансии одбива да го процесуира налогот за исплата на средствата за додаток на плата – регрес за годишен одмор за наставниците, велат од Град Скопје. Во соопштението, од Град Скопје наведуваат дека тие уште минатата недела пуштиле налог за исплата.
-За своите институции доколку министерката за финансии обезбедила средства за регрес нека ги пушти кога таа сака, додека за училиштата под надлежност на град Скопје како исполнување на наша обврска, градот Скопје регресот го пушти минатата недела и чекаме министерката за финансии да го реализира налогот – се вели во соопштението.
Од Град Скопје додаваат дека финансиските средства за регрес од годишен одмор за 2024 година за училиштата под надлежност на град Скопје се планирани и обезбедени со Буџетот на Град Скопје за 2024 година, усвоен од страна на Советот на Град Скопје уште на крајот од 2023 година.
-Со оваа политички мотивирана одлука со која се блокира исплатата на регресот од страна на Министерството за финансии, директно се наштетува на вработените во образовните институции во градот Скопје, кои заслужуваат да се мотивираат со цел постигнување успешност во работата – велат од Градот.