Грците лути поради огномет од јахта што запали шума: „Имаат повеќе пари отколку мозок“

Огномет испукан од јахта во Грција во петокот предизвикал шумски пожар на островот Хидра, соопштија локалните пожарникарски власти.

Пожарот ја изгоре единствената борова шума на туристичкиот остров јужно од Атина.

Пожарот едвај бил ставен под контрола. Бидејќи нема патишта до плажата, пожарникарите морале да и пријдат по море, додека хеликоптери испуштале вода од воздух, пишува Би-Би-Си.

Причината за пожарот предизвика гнев во Грција, која веќе се бореше со неколку шумски пожари и е зафатена од првиот топлотен бран годинава.

„Ние сме револтирани што некои луѓе фрлаат огномет толку неодговорно во боровата шума“, изјави градоначалникот на Хидра, Јоргос Кукудакис, за грчката телевизија ЕРТ. Тој додаде дека градот ќе се обиде да преземе правни мерки против патниците на јахтата.

Осуди имаше и на социјалните мрежи. „Богати луѓе со повеќе пари отколку мозок“, напиша една личност.

Грција е во состојба на готовност поради шумски пожари од вторникот, а властите се подготвуваат за тешко лето бидејќи продолжуваат сувите услови, силните ветрови и високите температури.

Вчера 55-годишен пожарникар доброволец почина од повредите со кои се здоби при гаснење на пожар на полуостровот Пелопонез.

Летните пожари се вообичаени во Грција и научниците ја поврзуваат зголемената фреквенција и интензитетот на екстремните временски настани, вклучително и топлотните бранови, со климатските промени.

Но, земјата има проблем и со подметнувачите на пожари – најмалку 79 лица беа уапсени во август минатата година за смртоносните пожари.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.