Оваа година граѓаните на Србија ќе можат да одат на одмор во Грција со потврда дека биле вакцинирани со која било вакцина, со негативен ПЦР тест или брз тест, а грчките граници најверојатно ќе бидат отворени за српските туристи во средината на април, иако сезоната официјално започнува на 14 мај, изјавија денес во Белград министрите за туризам на Србија и Грција, Татјана Матиќ и Харис Теохарис.
Грчкиот министер на прес-конференција кажа дека неговата земја ќе ги прифати сите вакцини, вклучувајќи ги кинеските и руските, иако тие се уште не се прифатени на ниво на ЕУ.
-Сите вакцини ќе бидат прифатени за влез во Грција и оние кои се имунизирани ќе бидат насочени кон зелената лента на границата, со што би се намалил метежот. Оние што немаат сертификат за вакцинација ќе им треба негативен ПЦР тест или антигенски тест, кажа Теохарис.
Кога станува збор за децата, тој објасни дека на децата до 10 години нема да им треба вакцина или ПЦР тест, а на оние постари од 10 години потребен им е негативен тест.
Министерите за туризам, Татјана Матиќ и Теохарис, во Белград потпишаа Заедничка изјава за соработка меѓу двете министерства за време и по пандемијата.
Според министерката за туризам на Србија, целта е да им се овозможи на граѓаните на Србија да влезат во Грција и меѓусебно да се признаат дигиталните сертификати, и потенцираше дека се надева дека тоа ќе се случи наскоро, односно дека туристите од Србија наскоро ќе можат да влегуваат во Грција.