Грција на 1-ви јули ќе ја отвори границата со Македонија, но само преку овој премин

Копнените граници со Македонија и Албанија, Грција ќе ги отвори на 1 јули, а не на 15 јуни како што првично беше најавено, а ќе функционираат само неколку гранични премини, од кои само Евзони (Богородица), кон нашата земја.
-Во однос на копнените пристигнувања, од 1 јули имаме укинување на рестрикциите за Албанија и Македонија, доколку сè оди добро, рече министерот за туризам на Грција Харис Теохарис на денешната прес-конференција во пресрет на туристичката сезона.
Иако во Грција од понеделник официјално започнува туристичката сезона, копнените граници со Македонија, Албанија и Турција ќе останат затворени од 15 до 30 јуни годинава, со исклучок на апсолутно неопходните службени патувања, додека пак границата со Бугарија ќе биде отворена.
Во однос на авионското поврзување, за периодот од 15 до 30 јуни, ќе бидат дозволени летови и од Македонија и Албанија, но само за основни и конкретни цели, а не и за туристи и само кон атинскиот аеродром. На аеродромот во Солун не се дозволени летови од нашата земја, како и од Албанија.
Сите туристи кои по 1 јули ќе пристигнат во Грција, ќе треба да имаат пополнет формулар (Passenger Load factor) со податоци за нивните контакти во Грција, ќе се спроведуваат тестови по случаен избор, а евентуалните позитивни случаи ќе бидат 14 дена карантин во хотел-карантин.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.