Дебарско-кичевскиот митрополит г. Тимотеј денеска е погребан во Плаошкиот манастир во Охрид, во присуство на членовите на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), бројно свештенство, претставници на другите православни цркви и на верници.
Со церемонијата на погребението чиноначалствуваше архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, кој имаше и свое обраќање до присутните, во кое сподели лична и емотивна приказна од долгогодишното пријателство и соработка со г. Тимотеј, посочувајќи дека црквата се простува со еден од своите најзаслужни личности за нашето време.
„Свештенството, монаштвото и верниот народ во Охрид, дебарско-кичевската и австралиско-сиднејската епархија се збогуваат од својот духовен отец и архијереј, пастир, учител на словото на вистината, верата и доброто, а Синодот се разделува од својот работлив, сеоддан член и гласноговорник“, рече г.г. Стефан.
Посочи дека не му е лесно да зборува на погребението на човекот со кого долго време се познавал и со кого повеќе од половина век работел за иста цел и за исти идеали.
„Можевме заедно, зашто носевме иста рана, зашто чувствуваме иста болка и го баравме истиот лек. Му благодарам на Бога што повторно заедно го најдовме. Како што заедно со децении тагувавме, така и заедно се израдувавме и во Цариград и во Белград и оттогаш пред секого и секаде“, вели архиепископот.
Во говорот, г.г. Стефан ги споменува и сите зафати што се направени во епархијата од страна на г. Тимотеј.
„Плаошник и Свети Наум, Света Софија и Перивлепта, Бигорски, Пречиста, Канео и Заум и уште многу светињи сега ни одблизу не се какви што беа и какви што ги наследивте. Дојдовте во вистинско време за паднатите светињи да ги подигнете и урнатините да ги обновите. Градевте и обновувавте храмови и манастири, обновивте монаштвото, но најмногу од сè помогнавте да се обнови и да се гради црквата во душите на верниот народ“,
кажа поглаварот на МПЦ-ОА.
Во заупокоената литургија одржана во црквата „Света Софија“ во Охрид учествуваа и двајца владици од Српската и еден од Бугарската православна црква.
„Присуството на браќата архијереи од соседните цркви, како и пристигнатите писма и пораки со изрази за сочувство го потврдуваат и новото време во кое вие, владико, во изминатите четири децении неуморно придонесувавте“, вели г.г. Стефан.
Дебарско-кичевскиот митрополит, воедно и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, почина на 25 ноември, на 73-годишна возраст во болница, каде што ги помина последните денови поради проблеми со срцето.
Со дебарско-кичевската епархија раководеше од 1981 година, како нејзин администратор со седиште во Охрид.
Изминатите четири децении, г. Тимотеј извршуваше и многу други функции – како секретар на Синодот, администратор на повардарската и австралиската епархија, а беше и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА.