Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје дозволи повторување на кривичната постапка против Драган Даравелски, кој е осуден на седум години затвор за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Тој беше уапсен минатиот месец на граничниот премин Табановце додека се обидуваше да влезе во земјата откако побегна во Србија по промената на владата во 2002 година.
Против одлуката на Советот, Основното јавно обвинителство поднесе жалба, додека денеска беше прифатено решението на второстепениот суд, со што во целост се потврдува одлуката на Кривичниот совет. Решението денеска ќе биде испратено до странките и до ИНК Идризово, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.
Советот, како што беше наведено, го оцени членот 3 став 2 од вториот дополнителен протокол на Европската конвенција за екстрадиција како и одредбата од член 424 став 1 од Кривичниот законик, според која кривична постапка во која едно лице е осудено во отсуство, а можноста за повторно судење во негово присуство ќе се повтори доколку осудениот или неговата одбрана поднесат барање за повторување на постапката во рок од една година од денот кога осудениот дознал за пресудата со која е осуден во отсуство.
Од судот појаснуваат дека кривичната постапка против обвинетиот Драган Даравелски не е запрена, односно со конкретна одлука се дозволува повторување на постапката и ќе се формира нов предмет кој ќе оди на наредна постапка.
Според пресудата, тој во периодот 1999-2002 година го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра. Министерството за правда неколку пати побарало негова екстрадиција откако тој побегнал во Србија. Даравелски беше уапсен во Белград во 2016 година по налог на македонските власти, но тогаш српските власти не го екстрадираа, бидејќи имаше српско државјанство.
Пронајдете не на следниве мрежи: