„Битно е дека се прочита на македонски и тука треба да се апсолвира тоа прашање затоа што нема никаква суштина. А ако сакате да ги задоволиме апетитите на некои хејтери на социјалните мрежи, ќе зборуваме, но мислам дека тоа не е достојно“, изјави во интервју за Телма претседателот на Собранието, кој се најде на мета на критики откако свечената заклетва по изборот за спикер првин ја прочита на албански, а потоа на македонски јазик
Не би сакал да се вовлечеме во дневна политика со такви мали работи. Вака претседателот на новиот собраниски состав, Африм Гаши ги искоментира реакциите во врска со давањето на свечената заклетва прво на албански, а потоа на македонски јазик на конститутивната седница во вторникот, што според дел од неговите колеги пратеници и дел од правничката фела е спротивно на Уставот.
Новоизбраниот спикер, прашан во вечерашното интервју за емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, зошто правото на лично изразување го ставил пред Уставот и Деловникот на законодавниот дом, рече дека според него ваквите реакции се дневна политика која партиите ја користат за евтин пи-ар.
„Употребата на албанскиот јазик е одамна регулирана во Собранието, од 2008-2009 година се зборува на албански и македонски, така што тој ден беше празник за демократијата во Северна Макеонија, се конституираше Собранието и мислам дека е битно, треба да зборуваме за процесите кои се битни за работата на Собранието, за носење закони, како ќе изгледа Собранието. Мислам дека тоа е дневна политика и партии кои ја користитат за некој евтин пи-ар. Јас не би сакал да се симнам на тоа ниво да коментирам такви коментари“,
рече Гаши.
Тој негираше дека станувало збор за некој вид на додворување до гласачите, додавајќи дека тој нема никаков проблем со македонскиот јазик, кој, како што кажа, го учел и го зборува истовремено со албанскиот.
„Јас сум израснат во средина со Македонци, така што не паметам, не знам кога бил тој момент кога сум почнал да зборувам македонски и тоа значи дека не можам да имам анимозитет кон македонскиот јазик“,
вели претседателот на Собранието.
Говорејќи на темата околу давањето на севечената заклетва, Гаши рече дека конститутивната седница била подготвувана од службите на Собранието, кои, како што посочи, се исклучелно професионални, дека имало претходно претседавач со седницата (Мерита Колчи Коџаџику) и ако заклетвата првин била прочитана на македонски јазик, тој ќе ја прочитал на македонски.
„Беше на албански и ја прочитав на албански. Мислам дека тоа е технички дел, битно е дека се прочита на македонски и тука треба да се апсолвира тоа прашање затоа што нема никаква суштина. А ако сакате да ги задоволиме апетитите на некои хејтери на социјалните мрежи, ќе зборуваме, но мислам дека тоа не е достојно ниту за вашата телевизија ниту за вашите гледачи“,
рече новиот спикер на парламентот, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Вреди“.
Инаку, во врска со ова прашање меѓу првите на социјалните мрежи реагираше поранешната министерка за култура, сега пратеничка на СДСМ во Собранието, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која деновиве информира дека поднела претставка до инспекциските служби во Министерството со кое раководеше.
„Право е на секој граѓанин, во ред е, нека продолжи процедурата, како што ќе решат органите, така ќе постапиме, нема никаков проблем. Треба да се научиме да се однесуваме институционално, јас би сакал да ја подигнеме институционалната култура во државата, секој граѓанин има право за нешто да бара правдина. Јас мислам дека треба сите да бидеме под Устав, закон, правилници и деловници, на пример во Собранието. Ние сме најодговорни и најповикани тоа да го одбраниме“,
рече Гаши во интервјуто.