„Со вашата постапка, наводна злоупотреба на европското знаме, го легализирате перењето на валкани пари и во име на европските стандарди го штитите сомнителниот капитал кој ја задушува нашата држава“, велат од движењето „Антикоцкање“ во писмото испратено до претседателот Пендаровски
Тотално сме разочарани од непотпишување на указот за прогласување на измените во законот за игри на среќа од страна на претседателот Стево Пендаровски, велат од движењето „Антикоцкање“. Оваа забелешка од „Антикоцкање“ му ја напишале и во писмото кое го испратиле до Пендаровски.
Според членовите на Движењето, со оваа одлука, како што оценуваат, „Пендаровски штити криминал“.
„Многу би сакале да знаеме како ќе ја започнете планираната тема за денеска „Младите и општеството“ колку парадоксална, толку и двојна игра и неподнослива. Тотално сме разочарани, се чувствуваме предадени од вашата преземена одлука за недекретирање на предлог законот за игри на среќа, вашата заштитата на криминалот и криминалците во која се задушени од страста на криминалот и класичниот грабеж што му се прави на граѓанинот. Со вашата постапка, наводна злоупотреба на европското знаме, го легализирате перењето на валкани пари и во име на европските стандарди го штитите сомнителниот капитал кој ја задушува нашата држава“,
се вели во соопштението на движењето „Антикоцкање“.
Оттаму му порачаа на претседателот Пендаровски дека со оваа постапка ги издал своите гласачи.
Реакцијата на „Антикоцкање“ доаѓа откако вчера претседателот Стево Пендаровски одлучи да не го потпише Указот за прогласување на измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кои предвидуваат нови цени за лиценците за обложувачниците, како и објектите во кои тие се лоцирани да бидат оддалечени повеќе од 500 метри од основните и средните училишта.
Одлуката, како што се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот, Пендаровски ја донел по детална анализа на текстот на Законот и постапката во која тој беше донесен, односно по скратена постапка.
Шефот на државата, се наведува, во донесувањето на одлуката се консултирал и со Делегацијата на Европската Унија во земјава, како наш најважен партнер во процесот на преговори.
На одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот за прогласување на измените на Законот за игрите и на среќа и забавните игри што Собранието ги донесе пред една недела, односно на 7 февруари реагираа и од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Според партијата, со одлуката да не го потпише указот, шефот на државата ја фрлил во корпа за отпадоци довербата на пратениците и на граѓаните, кои ги поддржале измените, и се ставил на страната на обложувачниците и казината.
Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ вчера ја поздравија ваквата одлука на претседателот на државата. Оттаму посочија дека доколку повторно има обид за носење на законот со сила, ќе организираат масовни протести.
Оттаму апелираат и до движењето „Антикоцкање“ да не шири, како што се вели, невистини и манипулации, посочувајќи дека затворањето на легалните објекти ќе предизвика отворање диви играчници по подруми, без контрола на државата.
Со измените на Законот, цената за една лиценца за обложувачница ќе порасне од 105 илјади на 200 илјади евра. Истовремено, се ограничува бројот на уплатно-исплатни места на 25 со една издадена лиценца, а дополнително, за секое следно уплатно-исплатно место над 25-тото, приредувачот ќе треба да плаќа надоместок од 10 000 евра.
Измените во Законот предвидуваат и автомат-клубовите сега да плаќаат за лиценца која ќе чини 100 илјади евра наместо досегашните 78 750 евра. Таа ќе биде ограничена на три деловни простории за кои автомат-клубовите ќе треба да плаќаат надомест во износ од 30 000 евра.
Законот им овозможува рок од една година на обложувачниците и автомат-клубовите да ги преселат деловните простории на најмалку 500 метри од училиштата.