21-годишна девојка од Јужна Каролина патува на работа со авион затоа што ѝ е поевтино отколку да плаќа кирија, пренесуваат американски медиуми.
Софија Селентано, практикант во Ogilvy Health, сподели видео на TikTok во кое раскажува како еднаш неделно патува 4 и пол часа со авион од Јужна Каролина до Њу Џерси за својата летна пракса, што трае 10 недели.
Имено, од неа се бара еднаш неделно да работи во канцеларија, а Софија на најчестото прашање на љубопитните луѓе одговара дека патувањето со авион ѝ е навистина поисплатливо од опцијата за изнајмување стан во Њу Џерси и дека на овој начин таа успева да заштеди значителна сума пари.
Софија работи хибриден распоред, работи од далечина 4 дена во неделата, а во среда треба да се појави во канцеларија.
„Не ми изгледаше исплатливо да изнајмувам скап стан во близина на канцеларијата ако треба да бидам таму само 8 часа неделно“, рече таа.
Тиктокерката раскажа како изгледа нејзиниот ден кога патува на работа со авион. Се буди околу 4 часот наутро, а по неколку совети од колешка, сфатила дека ѝ е попрактично да се шминка во авионот за да спие неколку минути повеќе.
„Патувањето до канцеларија трае околу 45 минути, па стигнувам во 9 часот наутро“, објасни таа и во коментарите откри дека летовите ги плаќа од својата плата.