Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител.
Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот.
Денес именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…
Свети Јован е еден од ретките светители во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството.