Првиот академски час од 2018/2019 година за студентите кои се запишаа на Универзитертот „Св. Кирил и Методиј” симболично беше означен на Филозофскиот факултет.
Новата генерација студенти ја поздрави ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, кој им порача дека е чест, но и голема обврска да се припаѓа на најстариот и најголемиот универзитет кој оваа година ќе одбележи 70 години од своето постоење.
„Драги бруцоши, пазарот на знаење и пазарот на трудот се брутално сурови – бараат квалитет, бараат одличност и извонредност. Не признаваат ниту површност, ниту импровизација. УКИМ е познат и признат по својот квалитет. Одлуката да студирате на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј’ во Скопје е смела и правилна, бидејќи дипломите стеканти на УКИМ се препознатливи и на меѓународниот пазар на трудот“, рече ректорот Јанкуловски.
Ректорот Јанкуловски посочи дека новина во оваа академска година е почетокот на Еразмус плус студентска пракса, со што на студентите им се овозможува да стажираат во компании во земјите на Европската Унија.
За запишување на некој од 23-те факултети на УКИМ со конкурсот беа слободни 11.661 место, од кои за редовни во државна квота 5.913, редовни со кофинансирање на студиите 4.573 и за вонредни студенти 1.175 места.
Академската година на универзитетите во земјава почнува со нов Закон за високо образование, кој по речиси една година подготовка и јавни расправи беше изгласан во мај и го замени стариот закон кој од 2008 година претрпе 21 измена. Меѓу новините што ги донесе Законот е и новиот датум на почеток на студиската година, кој наместо на 15 септември е на 1 октомври.