Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен сериозен удар



Денешниот резултат е разочарувачки, на СДСМ му е зададен сериозен удар, оцени претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во седиштето на партијата за изборните резултати од двојните избори и најави процес на обнова и консолидација на партијата и нови избори за претседател и раководство на партијата. 

Тој ги оцени изборите за фер и слободни, организирани согласно европските стандарди и тоа е рече огромен исчекор како резултат на слободата на медиумите и мирот и стабилноста која ја воспоставивме во изминатите години. Упати честитки за победата на политичкиот конкурент ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски, како и на Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претсдеател посакувајќи и да ја врши функцијата согласно уставните овластувања и евроатлантската посветеност. Тој упати честитка и до граѓаните и челнството на СДСМ кои рече и покрај резултатите од првиот круг, достоинствено излегоа да гласаат и помогнаа да се постигне цензусот за избор на Претседател.

-СДСМ повторно покажа државотворност и одговорност по стоти пат. Најлесно беше по толку лажни обвинувања и напади од ВМРО-ДПМНЕ да не го мобилизираме нашето членство за негласање на претседателските избори, но не паднавме во таа замка. Покажавме дека Македонија ни е поважна и секогаш ќе биде така. Денешниот резултат е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар не замо од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата. Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати. Во наредните месеци ќе треба посериозно и подлабоко да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход, рече Ковачевски

Тој посочи дека не сака да избрзува со заклучоците и да посочува виновници, но подвлече дека и тој и партиското раководство како и сите избрани функционери имааат одговорност на локално и централно ниво.

-Никој реално не е без одговорност и тука ќе мораме заедно да поминемем низ овој процес. СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и да види кои се слабостите во изминатите 4 години, а можеби и во последните седум години. И уште поважно, што е тоа што треба да направи за ја обновиме и вратиме  довербата на граѓаните што ја изгубивме, рече Ковачевски.

Тој најави процес на обнова и консолидација на партијата и повика на нов избор на сите партиски тела почнувајќи од претседателот на партијата, раководтсвото и сите органи на партијата.

-Не се сомневам дека многу граѓани вечерва чувствуваат страв, страв од прекумерната моќ, која ја има партија, која е позната по злоупотреба на моќта. СДСМ и коалицијата мора и треба да бидат силна, одговорна и државничка опозиција, порача Ковачевски.

Напомена дека за него во изминатиот две годишен период најважно било тоа што во услови на криза се обиделе никого да не оставам сам, се грижеле за сите и за младите и за пензионерите, и за работниците и за земјоделците и како што рече, постигнале највисоки плати досега и највисока вработеност во државата.

-За тоа не барам благодарност, затоа што кризите никогаш не ги користев како оправдување и бегство од проблемите. Напротив работев како што знаев и умеев, искрено, чесно и посветено да се помогне на државата и на граѓаните. И знам дека постигнавме многу и дека за дел времето ќе потврди дека сме биле во право, рече Ковачевски. 

Тој додаде дека следната година е можност земјава да ја продолжи евроинтеграцијата и нагласи дека ако се пропушти таа шанса може да се загуби уште една деценија, но можеби и уште една генерација.

-СДСМ ќе се однесува одговорно, но топката сега е во рацете на новата влада предводена од Христијан Мицкоски, порача Ковачевски, предупредувајќи на последиците од евентуалните обиди за блокирање на патот на Европа и потенцирајќи дека местото на Македонија е во НАТО и ЕУ. 

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: