Децата со Даунов синдром од Република Македонија, заедно со нивните родители, пристигнаа во дводневна посета на Софија, како дел од кампањата на Билјана Ангелова и фондацијата „Бугарска меморија“ – „Заедно за децата“, соопшти организацијата.
Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.
Групата од Република Македонија е дел од Дневниот центар за лица до Даунов синдром „Доза на среќа“ во Скопје, а целта на нивната посета беше да ги проучат добрите практики во областа на наставата на децата со посебни образовни потреби во Бугарија.
За време на престојот групата посети две училишта со индивидуални програми за работа со вакви деца – училиштето „Цар Симеон Велики“ во село Ивањане и приватното основно училиште „Милеа“. Претставници на „Доза на среќа“ одржаа и исклучително плодна средба со здружението „Даунов синдром – Бугарија“, на која присуствуваше и Мила Јовчева, директорка на Дирекцијата „Социјални услуги за деца и возрасни“.
„Нашето неформално запознавање со д-р Милен Врабевски е пример за тоа дека нема случајни работи. Кажувајќи му за сите мои добротворни иницијативи во Република Македонија, некако природно и заедно дојдовме до идеја да направиме нешто заедно. Така се роди идејата за „Заедно за децата“. „Заедно“, бидејќи нема ништо подобро за нашите земји од тоа да бидеме заедно, рамо до рамо. „Заедно“ затоа што само „Заедно можеме повеќе“, како што велев во последните речиси шест години колку што живеев во Скопје“, рече Билјана Ангелова. Иницијативата е идеја на Билјана Ангелова – сопруга на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, Ангел Ангелов.
„За нас е голема радост кога гледаме дека нашите истомисленици се множат, па без двоумење прифативме да ја организираме и финансираме идејата на Билјана за оваа прекрасна иницијатива. Обезбедувањето престој на „Доза на Среќа“ за да се „украдат“ добрите практики во областа на наставата на децата со посебни образовни потреби целосно одговара на главните приоритети на Фондацијата „Бугарска меморија“. Повеќе од 17 години инвестираме во младите луѓе во Македонија, им помагаме на обесправените луѓе таму, опремуваме училишта и компјутерски лаборатории, одржуваме едукативни семинари, така што еден ваков настан е логично продолжување на нашите активности во оваа област“, коментираат од фондацијата „Бугарска меморија“.
Во реновираниот спортски центар на училиштето „Цар Симеон Велики“ се одржа пријателски фудбалски натпревар со деца и младинци од федерацијата „Адаптирана физичка активност“.
Посетата на гостите од Скопје заврши со прошетка со водич во центарот на Софија.
БТА потсетува дека вчера информираше за почетокот на иницијативата „Заедно за децата“.
МИА овие текстови ги објавува во оригинална форма, согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка меѓу двете национални новински агенции МИА и БТА.