Димитриевски на партиската манифестација посочи кои ќе бидат заложбите на ЗНАМ во трката по пратенички мандати: повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството
Партијата „За наша Македонија“ (ЗНАМ) денеска на Конвенција официјално го прмовираше кандидатот за претседател, актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
Димитриевски на партиската манифестација посочи кои ќе бидат заложбите на ЗНАМ во трката по пратенички мандати: повисоки плати, праведен систем, силна економија, поддршка за младите, вложување во здравствениот сектор и земјоделството.
„Да бидеме свои на своето, да бидеме независни во одлуките и новите генерации да ги носиме сами, а не под туторство и диктат“,
рече тој.
Според Димитриевски во Македонија е потребен баланс во општеството и политиката и од голема важност за нормалното функционирање на државата, според него, има дефиницијата на соживот, со што, како што нагласи, Македонија мора да гради реално мултиетничко општество.
„Крајно време е се да се запре тонењето на сите принципи во Македонија. За нас принципите на кои е поставена Македонија се црвените линии, нешто за кое што нема разговори и преговори. Демократија, владеење на правото и почитувањето на основните права и слободи на секој поединец се принципите по кои се водиме за менување на црно-сивата слика во општеството“,
рече тој.
Ако стане претседател, градоначалникот на Куманово рече дека би бил претседател кој суштински ќе постапува согласно Устав и нема да потпишува закони и други документи на штета на државата.
И ЗНАМ е за интеграција во Европската Унија, кажа Димитриевски, тврдејќи дека прво треба да се сработи дома.
На Конвенцијата беа презентирани и носителите на кандидатските листи за парламентарните избори. Дел од нивните заложби се спречување на одливот на младите и вложување во здравствениот сектор и земјоделството.
Носител на листата во ИЕ1 е Бобан Карапејовски, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, Даниел Стојчевски, м-р по кривично право е носител во ИЕ2, Павле Арсовски, генерал-мајор во пензија ќе ја предводи ИЕ3, во ИЕ4 листата ќе ја предводи економистот Миле Цеков, кој е и претседател на Стопанска комора на југоисточна Македонија, Весна Бендевска, поранешна пратеничка ќе биде прва на листата на ЗНАМ во петтата изборна единица, а носител на листата во ИЕ6 е Небојша Захариевски, правник.